Двајцата штипјани кои навредувале и претепале 21-годишна девојка среде бел ден во влез на станбена зграда, а целиот случај го снимиле на мобилен, по што видеото се најде на социјалните мрежи, денеска се приведени и ќе останат 24 часа во Полициска станица.
„По преземените мерки од слобода се лишени две лица на возраст од 23 и 26 години, за конкретниот настан запознаени се Основното јавно обвинителство и Центарот за социјални работи. Секторот за внатрешни работи ги презема сите мерки за расчистување на случајот“, вели портпаролот на СВР-Штип, Гордана Панајотова.
*
Владата на Република Северна Македонија објави нова централна веб-страница за сите официјални информации поврзани со справувањето со коронавирусот на којашто ќе се објавуваат мерките, препораките и вестите од институциите.
*
СДСМ води со 3,3 отсто пред ВМРО-ДПМНЕ, покажуваат резултатите од анкетата на Националниот демократски институт, која е спроведена во периодот пред да се одложат изборите.
На прашањето за кого ќе гласате доколку изборите се одржат денеска, 22,9 отсто од анкетираните се определиле за СДСМ, а 19,6 отсто се изјасниле за најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ доби поддршка од 7,2 отсто, Алтернатива и Алијансата имаат 5,8 проценти, додека за Беса се определиле 1,7 отсто од анкетираните. Ист процент од 1,7 доби и Левица.
*
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека секој што направил тест за антитела, мора да направи тест и за присутност на вирусот (антигенот) за да се знае дали е болен и дали може да ја шири заразата. Стручно мислење на Комисијата за заразни болести е дека асимптоматските луѓе нема потреба да се тестираат.
*
Досега се направени вкупно 4.117 тестови за корона вирусот, па според тоа Северна Македонија има направено најголем број тестови на милион жители од сите земји во регионот.
*
Доктор од Психијатриската болница во Демир Хисар е позитивен на корона вирус. Тој е асимтоматски, меѓутоа имал позитивна семејна епидемиолошка анамнеза, направен е тестот и тој е позитивен. Направени се епидемиолошки анкети бидејќи бил во контакт со колегите од болницата и преземени се мерки, информира денеска на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
*
Министерството за надворешни работи информира дека денеска беше организиран лет за репатријација на вкупно 180 македонски граѓани од Берлин и Келн/Бон.
Со ова, бројката на репатрирани македонски граѓани во организација на МНР, генералниот секретаријат на Владата, МВР и Министерството за здравство заклучно со денеска, изнесува 2.200 граѓани, кои претходно се изјасниле дека прифаќаат задолжителен државен карантин и учество за плаќање на цената за авио билетот.
*
Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје ќе доделува пакети со заштитна опрема и средства за дезинфекција на медиумите со цел поголема заштита на новинарите и медиумските работници од корона вирусот.
*
Република Северна Македонија има капацитет и ресурси да ја надмине здравствената, но и економската криза што ја наметна ширењето на коронавирусот, изјави претседателот на СДСМ Зоран Заев. Тој додаде дека земјата засега добро се справува со кризата од ширењето на коронавирусот, за што, како што рече, говори и тоа дека факторот за ширење на заразата се уште е мал.
*
Северна Македонија денеска учествуваше на својот прв министерски состанок како полноправно членка на НАТО Алијансата, кој се одржа преку безбедна видео врска помеѓу триесетте министри за надворешни работи на НАТО и генералниот секретар, Јенс Столтенберг.
Столтенберг уште еднаш го поздрави зачленувањето на Северна Македонија, и тоа во време на криза, и истакна дека тоа преставува важен сигнал и за регионот и за Алијансата.
„Ова покажува дека во неизвесни времиња мораме да ги зајакнеме мултилатералните институции, глобалните предизвици бараат глобални одговори, и кризата со ковид-19 тоа јасно го покажа“, изјави шефот на Алијансата.
*
Европска солидарност без географски бариери – Додека светот се обидува да се избори со пандемијата, најмалку што е потребно е да се поттикнуваат поделби и раздор не само во Европската Унија, туку на секоја точка од земјината топка.
*
Во целиот свет, 1.000.829 луѓе се заразени со новиот коронавирус, 51.356 лица починаа, додека 210.199 луѓе се опоравиле, покажуваат најновите податоци на веб-страницата „Worldometers“. Најголем број се заразени во САД, Италија и Шпанија.