ДЕКЛАРАЦИЈА Лидерите на земјите членки на Европската унија, првите луѓе на Европскиот Совет, на Европскиот Парламент и на Европската Комисија, како и шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан донесоа и прифатија заедничка декларација од Самитот на ЕУ за Западен Балкан, во која ЕУ уште еднаш ја потврди својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан, додека земјите од регионот ја реафирмираа својата посветеност кон европската перспектива како цврст стратешки избор.
Декларацијата од Загреб, информираат од владината прес-служба, ја споменува и кризата со коронавирусот и ЕУ се залага за своите партнери од Западен Балкан и останува посветена на активна поддршка на нивните напори за борба против коронавирусот и за справување со последиците врз општествата и економиите.
*
САМИТ НА ЕУ Северна Македонија во последните три години реши сериозно да заврти нови страници во својата историја. Излеговме од длабока политичка криза и ги возобновивме демократските институции и владеењето на правото. Испорачавме конкретни и одржливи резултати во спроведувањето на ЕУ поврзаните реформи и во добрососедските односи. Станавме 30-та членка на НАТО и под ваше водство добивме одлука за почеток на ЕУ пристапните преговори, истакна премиерот Оливер Спасовски
во обраќањето на пленарната сесија на видеоконференцијата на Самитот на ЕУ за Западен Балкан – Загреб 2020.
*
ПОДДРШКА Европските социјалисти и демократи ја поддржуваат европската перспектива на Западен Балкан пред самитот ЕУ-Западен Балкан, јави дописникот на МИА.
-Постојано ја поддржувавме европска иднина на Западен Балкан. Нашето семејство (Европската партија на социјалистите и демократите) помогна да се постават темелите за пристапни преговори за Северна Македонија, а ги поддржувавме и другите наши сестрински партии во Западен Балкан, истакна Сергеј Станишев, претседател на партијата.
По лидерската средба, со која претседаваше претседателот Доналд Туск, Европската народна партија повторно ја потврди својата поддршка за проширувањето и кредибилно членство за Западен Балкан.
-EПП испрати силен сигнал за поддршка до Западно – балканските држави. Тоа е благодарение на заложбите и решеноста на премиерот на Хрватска Андреј Пленковиќ, ЕУ останува верна на својот збор и е посветена на иднината на регионот, се вели во твитот.
*
УРЕДБИ Слушам дека во изминатиов период се отвораат повеќе прашања околу уредбите со законска сила, што може да регулираат, до кога важат и слично. Кога се разгледуваат овие прашања, мора да се има предвид дека вонредната состојба е прогласена заради полесно справување со епидемијата, но и со последиците кои произлегуваат од неа, а тие последици се економски, социјални, образовни и слично, вели во изјава за МИА министерката за правда Рената Дескоска.
*
ИЗБОРИ Пратеникот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Артан Груби, во интервју за телевизијата Т7, изрази уверување дека институциите од Косово и Албанија нема да се мешаат во идните парламентарни избори во Република Северна Македонија, кои очекува да се одржат во наредните неколку месеци.
Дехран Муратов