ИЗБОРИ: Лидерската средба која беше свикана за утврдување на датум за избори, заврши со договор меѓу лидерите дека дополнително ќе се договараат. Лидерот на ВМРО ДПМНЕ, Христијан Мицкоски изјави дека нема да лицитира со здравјето на граѓаните. Зоран Заев, лидерот на СДСМ, пак изјави дека единствениот начин да се покаже грижа за јавното здравје е ставањето во функција на сите институции во земјата, пред се, Парламентот и Владата. Ахмети ќе ги чека препораките на Комисијата за заразни болести. Села не оди на избори без ОБСЕ-ОДИХР, Беса ќе ја поддржи секоја одлука која ќе биде донесена со консензус, а ДПА е за избори на 14 јуни.
ЕТАПНО ОЛАБАВУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ: Владата го донесе планот за попуштање на рестриктивните мерки како процес кој ќе се одвива во три фази согласно развојот на епидемиолошката состојба.
Првата фаза е тековно функционирање на стопанските дејности во време на прогласена вонредна состојба и ограничено движење на населението на целата територија на државата со постепено намалување на времето за забрана на движење. Втората фаза како транзициона фаза е иницијално воспоставување на работните активности со почитување на препорачани мерките и стриктни протоколи за работа во услови на превенција и спречување на појава и ширење на Ковид-19. Третата фаза предвидува потполно враќање на редовниот работен процес со почитување на основните мерки за одржување лична хигиена и физичко дистанцирање.
ВОНРЕДНА СОСТОЈБА: Премиерот Оливер Спасовски на денешна прес-конференција информира дека Владата прави анализи на сето она што е преземено досега во однос на прогласувањето на вонредната состојба во неколку сегменти и според движењето во тие сегменти ќе биде донесена одлука дали повторно ќе се побара нова вонредна состојба.
ФИНАНСИСКА ПОДДРШКА: Целосно е реализирана првата бескаматна линија кредити за поддршка на ликвидноста на микро, малите и средните претпријатија од најзагрозените сектори – угостителство, туризам и сообраќај, објави министерката за финансии Нина Ангеловска. Со првата кредитна линија поддржани се 738 микро, мали и средни компании или 6.524 вработени.
СКРИНИНГ: Министерот за здравство Венко Филипче објави дека заклучно со денеска во 12 градови каде имаше заболени, веќе нема активни случаи на КОВИД-19. Тој најави дека од утре започнува масовен скрининг.
СОЛИДАРЕН ФОНД: Владата на денешната седница ја усвои можноста за користење на Фондот за солидарност на Европската унија (ФСЕУ), за справување со финансиското влијание од КОВИД-19. Пристап до овој фонд, како што се наведува во соопштението, имаат земјите членки на ЕУ, како и земјите кандидати за членство во Унијата.
СЛОБОДНА ЗОНА: „ Прашајте ги оние, што дигаат протести против мерките, што велат дека корона вирусот е лага, што не носат маски, се групираат и не држат дистанца, што се против казни за несовесните…зошто тогаш, не сакаат да одат на избори и да ја поразат оваa голема лага и „диктатура“?“, пишува Петрит Сарачини во колумната – Корона нема, ама ако има избори – има!?