ПОЛИЦИСКИ ЧАС Се воведува целосна забрана на движењето на сите граѓани во Скопје (сите скопски општини), Куманово, Липково, Штип, Тетово, како и Боговиње, Брвеница, Теарце, Желино и Јегуновце, почнувајќи од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до понеделник (8 јуни) до 05:00 часот, одлучи Владата на денешната седница, согласно препораките на Комисијата за заразни болести, со цел брза и ефикасна реакција за спречување на ширењето на коронавирусот.
„Во сите останати градови, се забранува движење на сите граѓани од четврток (4 јуни) од 21:00 часот до петок (5 јуни) до 05:00 часот наутро. Во сите останати општини, во петок, сабота, недела забраната започнува од 16:00 часот и трае до следниот ден до 05:00 часот наутро“, соопшти Владата.
Петок (5 јуни) се прогласува за неработен ден за сите граѓани.
*
НЕПОЧИТУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ Директорот на Државниот пазарен инспекторат Стојко Пауновски, за ЦИВИЛ Медиа потврди дека во скопската кафеана „Чардак“ инспекторите од Државен пазарен инспекторат биле спречени да направат контрола во внатрешниот дел на кафеаната, и против газдата е поднесена пријава според член 205 и 206 од Кривичниот законик.
Пауновски нагласи дека полицијата интервенирала по 45 минути, откако инспекторите биле спречени да направат увид во внатрешниот дел каде што имало гости, спротивно на мерките и препораките да има гости само на терасите на рестораните и кафулињата.
Раководителот на Инспекциски надзор – одделение Скопје, Мери Проја Продановска вечерва на прес – конференција изјави дека вработените не отворале, а инспекторите влегле во објектот по два и пол часа. Продановска вели дека таму е затекнат еден политичар, односно претседател на политичка партија. Ова се случило по 18 часот.
„Еден апел до сите граѓани, до сите политичари, да се свестиме дека ситуацијата е драматична. Јавната свест мора да биде пред сè“, рече Проја Продановска.
*
АПЕЛ Вирусот не е шега и нема да замине додека не прифатиме дека е закана за секој кој не ги почитува мерките. И после 100 oдржани прес-конференции и повторени апели и пораки, еден дел од граѓаните одбива да ја прифати реалноста дека вирусот е сериозна закана, истакна пред малку на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче кој информираше за новите рестриктивни мерки што ќе важат во претстојниот продолжен викенд.
*
ХОСПИТАЛИЗИРАНИ Пратеникот и потпретседател на СДСМ Мухамед Зекири, неговата сопруга и ќерка се хоспитализирани во болница и тие се во добра здравствена состојба. Имаат стабилна форма на болеста само со висока температура, рече вечерва на прес-конференција министерот за здравство Венко Филипче.
*
ВЛЕЗ ВО ДРЖАВАТА Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека при влез на наши граѓани во земјава, како и на странци, но само со регулиран престој во државава, задолжително е на граничниот премин да биде приложен направен валиден PCR тест, не постар од 72 часа, кој е негативен.
Потоа на граничниот премин лицата ќе треба да потпишат „Изјава за задолжителна самоизолација во траење од 14 дена“.
Дехран Муратов