МВР „Испраќањето на пораката – „нема да казнуваме“, широко ја отвори вратата за оние што не го почитуваат законот. Се почувствуваа заштитени од полицијата која треба да го чува редот во државата“, рече вечерва дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи, Славјанка Петровска.
ПРАВДА „Убеден сум дека вистината за овој монтиран случај излезе на виделина. Ќе ги преземам сите активности предвидени со закон да се лоцираат одговорните лица во постапката кои, од ним познати мотиви, ги злоупотребија сопствените службени овластувања и креираа случај за наводно сторено кривично дело кое имаше за цел јавно да ме девалвира и дискредитира и да ја искриви вистината“, изјави Максим Димитриевски, градоначалник на Куманово откако Јавното обвинителство од Куманово ја отфрли кривичната пријава против него за сторено кривично дело „Непостапување според здравствените прописи“.
ГОВОР НА ОМРАЗА За вирусот Ковид-19 ќе се најде лек, но за вирусот „говор на омраза“ малку потешко. Извесен Василие Стојановски на својот Фејсбук профил истакнал дека повторно ќе има карантин поради „ш……те“. За време на пандемијата говорот на омраза зема се повеќе замав. Институциите треба сериозно да се зафатат со работа и да ги санкционираат сите оние кои шират говор на омраза или дискриминираат по етничка, верска, партиска или било кој друга основа.
ЈАВНО ЗДРАВЈЕ Основното јавно обвинителство Велес отвори предмет по допрен глас по објавите во медиумите и јавното соопштение на митрополитот Агатангел и Повардарската епархија, со кое ги повикува верниците на масовно одење во храмовите за време на верскиот празник Духовденска задушница, в петок и во сабота, во тек на целиот ден, додека во сила е забраната за групирање на територијата на целата држава, забраната за движење на населението во одредени временски периоди и забраната за пристап до гробишта.
ПОВИК „Јас го повикувам епископот да го повлече повикот да се посетуваат храмовите. Ова е многу осетлив период во овој момент на епидемиолошката крива и тој повик е спротивен на сè што сега правиме да се заштити јавното здравје. И, секако, спротивен е и на многу уредби коишто Владата ги има донесено, а тоа е пред сè уредбата за забрана на масовни собири. Тоа е нешто кое доколку се случи, сериозно ќе го загрози здравјето на сите кои ќе бидат таму присутни, како и јавното здравје“, повика министерот за здравство Венко Филипче.
САНКЦИИ Основното јавно обвинителство Гевгелија поднесе предлози за издавање казнени налози против 15 лица за сторено кривично дело „непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“.
ИСТРАЖУВАЊЕ 71,3 проценти од граѓаните во Северна Македонија покажале загриженост за состојбата со Ковид-19, покажува стражувањето на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1000 испитаници.