ЛИДЕРСКА Вечерва на покана од Претседателот Пендаровски се одржа средба помеѓу лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски. На средбата требаше да се постигне договор за датумот за предвремените парламентарни избори.
Од кабинетот на претседателот соопштија дека на средбата се разговарало за различни аспекти на изборниот процес, при што и двете страни понудиле аргументи во прилог на нивните позиции.
По речиси три часа разговори двајцата лидери се договорија да ја продолжат комуникацијата меѓу себе.
ИЗБОРИ ЦИВИЛ ги повикува политичките партии да донесат решение за конечно одржување на предвремените парламентарни избори во Република Северна Македонија. По бројните одложувања на нешто што требаше да бидат брзи предвремени парламентарни избори, нашата земја веќе нема ниту еден ден за чекање. На земјата итно ѝ се потребни функционални институции, Парламент и Влада со целосен капацитет.
Одложувањето на изборите од 21 јуни на 5 јули веќе е неприфатливо големо поместување на датумот за избори. Нашата држава веќе не може да си дозволи техничка влада што е составена за да организира парламентарни избори, а не да се бори со тешка закана за здравјето и животот на луѓето. Оваа држава веќе не може да си дозволи ни целосно отсуство на Парламент.
Ако нема Парламент, нема ни демократија.
ДИК Со новата Уредба од Владата за изборните дејствија од ДИК објаснија дека единствено можат од технички аспект да се подготвуваат за изборите, но не и да донесуваат акти, одлуки и сл. што се директно поврзани со изборниот процес. Односно за останатиот дел од работата на ДИК уште важи претходната уредба на Владата од 21 март, кога се прекинаа сите изборни дејствија на Комисијата.
МОНИТОРИНГ В недела, 13 часот, прес конференција на ЦИВИЛ за изборите
ЦИВИЛ организира прес конференција на која ќе стане збор за изборниот мониторинг, за лажните вести и говорот на омразата во политичките кампањи, за здравствените ризици, како и други информации, ставови и пораки во пресрет на предвремените парламентарни избори. Прес конференцијата ќе се одржи на отворено, пред седиштето на организацијата на ул. Максим Горки, бр. 31, в недела, на 14 јуни, со почеток во 13 часот.