ВЕСТ НА ДЕНОТ: Заврши истрагата за „Рекет“ за парите од Орце Камчев
Јавната обвинителка за гонење организиран криминал и корупција Вилма Рускоска му доставила решение за завршена истрага на првоосомничениот во случајот „Рекет“ Бојан Јовановски – Боки 13, кој денеска првпат по апсењето беше во Обвинителството да даде исказ. Неговиот адвокат Сашо Дуковски смета дека на Јовановски му е повредено правото на одбрана, бидејќи до овој момент немале увид во доказите и основите за сомневање против него.
“Денеска за првпат од започнувањето, односно од донесувањето на наредбата за спроведување истрага од Обвинителството за организиран криминал и притворањето на осомничениот Бојан Јовановски и после сите преземени дејствија од страна на Обвинителството, тој денес првпат е викнат да даде исказ во Јавното обвинителство. И тоа би било во ред, но не е во ред во истиот момент кога вие немате поим за каков доказ се обвинувате, кои се основите на сомневање, кои се доказите против вас, да ви се дава известие за завршена истрага. Во ист момент, еве, тоа е ова известие за завршена истрага кое носи датум 23 септември 2019 година. Ова досега во историјата на македонското правосудство не се случило“, истакна Дуковски по излегувањето од ОЈО.
Верушевски: Документацијата за прислушуваните разговори беше во СДСМ
Поранешниот разузнавач Зоран Верушевски, кој денеска како сведок беше повикан за случајот „Таргет-Тврдина“ изјави дека првите информации за прислушуваните разговори ги добил кон крајот на 2010 година кога работел како одговорен за безбедносната политика во Социјалдемократскиот сојуз.
На денешното сведочење, Верушевски рече дека сите информации и сознанија во врска со незаконското прислушување завршувале во политичката партија и оти увид во целата документација има лидерот на партијата.
„Документацијата е цело време во партијата и со неа управува лидерот на партијата“, рече Верушевски, додавајќи дека било која информација не ја искористил за лични интереси, ниту тоа му паднало некогаш тоа на памет.
„Црн фонд“ на СЈО за одбрана на Катица Јанева
Катица Јанева со писмо побарала СЈО дел од парите од „црниот фонд“ на обвинителството за исплата на трошоците за нејзина одбрана, како осомничена во „Рекет“.
Како што јавува „Фокус“, обвинителите „црниот фонд“ го користеле за свадби, незгоди…, а се полнел со 3.000 денари од обвинителите и 1.000 денари од останатите вработени во СЈО. Со фондот управувала Јанева, но обвинителите не знаат колку точно има во фондот, со оглед дека во континуитет тие пари се трошеле за приватни и службени цели.
Јанева во текот на утрешниот ден пред обвинителката Вилма Русковска треба да даде исказ како осомничена во „Рекет“.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска со посета на општина Велес го почна проектот „Лице в лице со Претседателот“, преку кој еднаш до двапати месечно ќе остварува директни средби со граѓаните. Во различни градови и села во земјата.
Само што почна, веднаш беше прекината денешната рунда преговори за новиот закон за Јавното обвинителство меѓу власта и опозицијата. Министерката за правда Рената Дескоска и пратеникот Антонио Милошоски рекоа дека се потребни дополнителни партиски консултации околу разликите кои биле истакнати и на лидерската средба.
Пет иновативни алатки со методологија и центар за извонредност им се на располагање на домашните мали и средни претпријатија како помош при воведување иновативни производи. Алатките се бесплатни и се достапни на веб страницата inoplatforma.eu. Подготвени се преку регионалната Иноплатформата со финансии од Европската унија, проект во којшто водечка улога имаше Центарот за знаење од државава.
Ова е клучен период за нашата земја, сите напори се фокусирани на тоа да се задржи позитивниот дух кај сите земји членки на ЕУ за поддршката за Северна Македонија да ги отвори преговорите со Унијата, рекол премиерот Зоран Заев на вечерата што за шефовите на држави и влади на земјите од Западен Балкан, ја приреди високата претставничка за надворешна работи и безбедносни политики и заменик претседател на Европската Комисија Федерика Могерини во Њујорк пред 74-тото Генерално собрание на Обединетите нации.
Судечкиот совет го одби барањето на адвокатите на обвинетите за запирање на постапката за предметот „Таргет -Тврдина“ како неосновано, откако адвокатот на Сашо Мијалков побара обвинението да биде застапувано од специјален јавен обвинител.
ЦИВИЛНИ ВЕСТИ
Анкета: Каква иднина очекуваат жителите на Струга?
ЦИВИЛ спроведе анкета меѓу граѓанките и граѓаните во Струга на прашањето: Каква иднина имаме, зелена или црна? Особено, во однос на заштитата на животната средина, екологијата и просперитетот на државата.
Анкетата е дел од проектот „Зелена иднина“ кој ЦИВИЛ го спроведува во соработка со Хајнрих Бел од Сараево.
На конференцијата за изборни реформи ќе говорат политички лидери, експерти, домашни и меѓународни организации, високи владини функционери и претседателот на државата
До сега се потврдени близу 30 говорнички и говорници на Конференцијата за изборни реформи: Перспективи на македонските избори, а бројот на пријави за присуство расте постојано, информираат од Тимот за комуникации на ЦИВИЛ. Конференцијата ќе ја отворат Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и Амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих.
МИСЛА
Платите да не се покачуваат, парите да не се враќаат!
За три години се изнагледавме и изнаслушавме сѐ и сешто, но суштината е една, пораката е една. Мора да се осуети македонската демократска трансформација од пропутиновски (ердогански, орбановски, салвиниевски), клептократски и авторитарен чмар на Европа во модерна демократија со европски перспективи. Тоа е агендата, тоа е целта. Затоа, сите капацитети, а не се мали, се насочени против тоа. Пишува Џабир Дерала
Пандемија на насилство
Да, секојдневни убиства, насилство, силувања, педофилија, крајности на болното искуство, на физичката и моралната гадост, расипаност и бесрамност, беда, потсвест растргната од мрачните сили на уништувањето и понижувањето…пишува Милан Банов
Прирачник за успешно владеење
– Не заборавај дека победата на изборите е всушност одлука на гласачите да ти дадат доверба да управуваш со државата, а не да располагаш со државните ресурси! Преродбениците сега плаќаат цена затоа што тоа не го разбраа и се однесуваа како државата да е нивна „дедовина“!, пишува Коста Стоименовски
Игор К. Илиевски