ВЕСТ НА ДЕНОТ
Татјана Димитровска е новата претседателка на ДКСК
Со 97 гласа „за“ пратениците на денешната собраниска седница ја изгласаа одлуката за избор на претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата.
Во новиот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) се Цвета Ристовска, Татјана Димитровска, Софија Спасова Медарска, Сервет Демири, Бесник Џемаили, Билјана Каракашова Шулев и Зоран Богоевски.
Новата комисија треба да почне да функционира на 8 февруари.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Целта на оваа инвазија беше да се спречи Украина да се движи кон НАТО и Европската унија. Украина сега е поблиску до НАТО и Европската унија од кога било досега. Ова е голем стратешки пораз за Русија. Претседателот Путин засекогаш ја загуби Украина“, рече Столтенберг во интервју за ДПА, мислејќи на фактот дека Русија со децении ја гледаше Украина како дел од својата сфера на влијание.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ФИНАНСИИ Од 1 јануари, Министерството за финансии повеќе нема да дава согласност за вработување, туку раководителите на државните буџетски институции сами ќе одлучуваат за новите вработувања во согласност со годишниот финансиски план и прегледот за вработувања, информира ресорниот министер Фатмир Бесими.
СОРАБОТКА Меморандум за соработка меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија во делот на вработувањето, родовата еднаквост, политиката за социјална и детска заштита, беше потпишан денеска во Скопје.
ОЈО Обдукциските наоди за 14-годишната Вања Ѓорчевска и 74-годишниот Панче Жежовски денеска пристигнаа во Јавното Обвинителство Скопје. Засега Обвинителството нема да објавува детали од обдукциските извештаи. Првоосомничен за двете убиства е Љупчо Палевски – Палчо, кој е во притвор во Турција. Другите четири осомничени се во притвор, меѓу кои и таткото на Ѓорчевска.
ПРАВДА Советот на јавни обвинители денеска ја избра обвинителката Соња Симовска од Државното јавно обвинителство за вршител на функцијата Јавен обвинител на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
БЕЗБЕДНОСТ Бродот на британската кралска морнарица, ХМС Ричмонд пристигна во Талин во мисија да се одврати и одбрани регионот од закани.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Соединетите Држави го поздравуваат создавањето на Талин механизмот, кој ќе помогне да се испорачаат средства за градење сајбер капацитети во Украина и да и помогне на Украина да го одржи своето основно право на самоодбрана во сајбер просторот.
АЛ-ПРЕС
Во Албанија, од следната година со дронови ќе може да се управува само со сертификат, идентификациски број и распоред на летање. Албанскиот парламент вчера во тензични услови, со 75 гласа изгласа одземање на имунитетот на поранешниот премиер Сали Бериша. СПАК побара негово апсење, следат нови процедури.
Во продолжение се темите од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ- Прес.
МУЛТИКУЛТУРА
ЦИВИЛ и Општина Гостивар на 18 декември одржаа мултимедијален настан „Заедно за подобра иднина“ во Гостивар. Ученици од осум основни училишта во општината учествуваа на конкурсот со избор од креативни ликовни творби, кои беа изложени во просториите на општина Гостивар. Со одлука на комисијата за оценување, градоначалникот Арбен Таравари додели награди на најуспешните учесници, а ЦИВИЛ додели сертификати за учество на сите што беа дел од овие активности.
На настанот пред публиката од граѓани, ученици и наставници, се обратија градоначалникот на Гостивар, др. Арбен Таравари и претседателот на ЦИВИЛ , Џабир Дерала.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Трите декади во борбата за името се неправда. Уникатна соседска и меѓународна неправда. Но, потсетија и соговорниците во спомнатото ТВ интервју, дека на нашиве инаетџии, а во контекст на спорот, поранешната американската државна секретарка Кондолиза Рајс им рекла дека ништо никогаш не е вечно.
Па, ете, бидејќи тоа е несоборлив факт, ајде и малку оптимизам во насока на некои идни поскорешни или подалечни случувања. Во некаква нова пост воено катаклизмична реорганизација на светот, на пример, по некоја евентуална трета е можно некоја нова и со поинакво име ООН. И во такви некакви нови меѓународни околности, можеби би ѕирнал зрак надеж името да ни го вратат.
Ова, секако, доколку би имало кому да го вратат“, пишува Зоран Иванов во колумната „Името на државата распнато меѓу реалноста и историската фантастика“.
*
Крајот на секоја година е како домашен тефтер во кој се испишуваат последните страници. Сакале – не сакале, така функционира мерењето на времето. Се сведуваат сметките за минатата година и се прават планови за идната. Таква е човековата природа, ако нема надеж се влегува во депресивна состојба од која тешко се излегува. Личат ли заедниците на основната човекова природа? Опстојуваат ли и тие врз основа на некаква надеж за подобро утре? Како да се помогне цела една држава да не влезе во депресија?, пишува Војо Маневски во колумната „Корпоративна демократија“.
Д. Муратов












