ВЕСТ НА ДЕНОТ
Либан: Над 100 мртви, 400 ранети, вклучувајќи жени, деца и медицински работници во израелскиот воздушен напад
Повеќе од 100 луѓе загинаа, а 400 се ранети, „вклучувајќи жени, деца и медицински работници“, во денешните израелски воздушни напади на југот на Либан, соопшти Министерството за здравство на земјата. Станува збор за најголем поединечен број на загинати за еден ден од почетокот на борбите помеѓу Израел и Хезболах во октомври.
Сè поголем број цивили ги напуштаат пограничните области на јужен Либан, кои речиси една година се погодени од размена на оган долж границата.Некои жители, исто така, ја напуштаат населбата Дахије, јужно предградие на Бејрут во кое доминира Хезболах, јавува Си-Ен-Ен.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„На средбата искажавме очекување и надеж дека нашите две земји заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција. Сметаме дека тоа е многу важно како за нашите две земји така и за останатите земји од регионот, бидејќи заедничка ни е посветеноста за сеопфатен развој на Западниот Балкан. Укажавме дека проширувањето е една од најдобрите политики на Унијата како геостратешка потреба и е долгорочна инвестиција за цела Европа во политичка, безбедносна и економска смисла. Тоа е добар механизам за напредок и награди, што нé мотивира како земји да ги спроведуваме бараните реформи, чиј краен резултат би требало да биде полноправното членство во Унијата“, рече претседателот на Собранието, Африм Гаши, на средбата со претседателката на албанското Собрание, Елиса Спиропали, која е во официјална посета на земјава
РЕГИОН
Европската комисија одобрила финансирање на проектот „Независен систем за природен гас во Александруполи“
Европската Комисија издала извршна одлука за одобрување на финансиски придонес на Унијата во реализација на проектот „Независен систем за природен гас во Александруполи“, соопшти алтернативниот министер за национална економија и финансии на Грција Никос Папатанасис, јави дописничката на МИА од Атина.
СВЕТ
Зеленски ја започна посетата на САД со посета на армиската фабрика за муниција
Претседателот на Украина Володимир Зеленски ја започна посетата на Соединетите Американски Држави со посета на армиската фабрика за муниција Скрантон, која произведува компоненти за артилерија и минофрлачки гранати, објави веб-страницата на Кабинетот на претседателот.
Kапацитетот на фабриката е целосно натоварен за да ги задоволи потребите на Украина, особено за производство на гранати од 155 мм, што е значително зголемено во текот на годината.
ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Како да се спречи насилството меѓу учениците
СЛОБОДНА ЗОНА
„Ништо од замрзнати цени – ќе се ограничат само маржите. Во меѓувреме, трговците си ги качија цените, дури и на производи кои не беа предвидени да имаат замрзнати маржи. Трговците се секако задоволни, а со нив и коморџиите. А падна и вредноста на просечната плата. Капиталот знае да се чува, а моќта на богатите врз политиката е сѐ поочигледна“, пишува Љубомир Костовски во анализата „КАПИТАЛОТ ЗНАЕ ДА СЕ ЧУВА: Цените се качуваат пред маржите да се замрзнат, а и платите одат надолу“.
*
„И додека министерот на МВР како папагал повторува за индиции за криминал од епски размери, трудејќи се резервните стакленца за лустер да ги прикаже како милионски улов на дијаманти (среќа што не се сети прав шеќерот, брашното и ориганото од кујната не ги прогласи за запленет и количини од епски размери, разбира се, на кокаин и марихуана), сторителите се секако од кругови блиски на претходната власт, во државата се случува реинсталирање на МВРО-ВМРО, по теркот на министерката од грујовото време на владеење, кога спектакуларно се апсеа и се носеше пресуда за неистомислениците уште пред да седнат на обвинителна клупа, а им судеа судии од црните тефтерчиња на власта. Ова добро го знае сегашниот министер, кој во тоа време беше еден од главните адвокати на режимот. Затоа сега делува како сијамски близнак на Јанкуловска“, пишува Драган Мишев во колумната „МВРО – ВМРО, проширено и надградено: И по Гоца – Панче“.
Д. Муратов