ВЕСТ НА ДЕНОТ
Роберта Мецола од малтешката конзервативна Национална партија (ПН), која е дел од групата на Европската народна партија (ЕПП), денеска беше реизбрана за претседателка на Европскиот парламент со мандат од две и пол години.
На конститутивното заседание на новиот состав на Европскиот парламент, што се одржува во Стразбур, за Мецола гласаа 562 европратеници, а нејзината противкандидатка за функцијата Ирене Монтеро од шпанската партија Можеме (Подемос), дел од групата на Левицата, доби 61 глас. Вкупно 77 гласачки ливчиња беа прогласени за неважечки.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Како е можно за помошник министер во МВР да е поставено лице со активна кривична пријава? Зошто заменик директорката на Агенција за разузнавање е незаконски поставена? Ќе се извини ли Мицкоски за злоупотреба на позицијата и организирање прошетки на неговиот син во Вашингтон? Како е можно за директор на Управата за извршување на санкции да поставите лица со несоодведно искуство? Кој ви дозволи ја задолжувате државата, односно граѓаните со 500 милиони евра за да ги покриете неспособните градоначалници на ДПМНЕ“, се упати со пет прашања до ВМРО-ДПМНЕ, Славјанка Петровска, пратеничка на СДСМ во Собранието.
РЕГИОН
Поради тоа што нема стабилна политичка Влада, Бугарија се соочува со реален ризик да остане без средства предвидени со Планот за закрепнување на ЕУ, предупреди еврокомесарка за иновации, истражување, култура, образование и млади Илијана Иванова.
СВЕТ
Украина разговара за билатерални безбедносни договори со уште девет земји. Безбедносните договори опфаќаат хуманитарна, воена, реконструкција и финансиска помош за Украина.
Подготви: Б. Јордановска