ВЕСТ НА ДЕНОТ
НАТО ја започнува годишната вежба за нуклеарно одвраќање
НАТО денеска ја започнува својата годишна нуклеарна вежба, во која во следните две недели ќе учествуваат околу 2.000 воени лица од осум воздушни бази, јави ДПА.
Вежбата Steadfast Noon ќе вклучи 60 авиони што ќе учествуваат во тренажни летови над Западна Европа. Тие вклучуваат борбени авиони способни да превезуваат американски нуклеарни бомби распоредени во Европа и бомбардери, како и авиони за надзор и полнење гориво.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Од „ВЛЕН“ согласни да се испрати предлог законот за правична застапеност до Венецијанската комисија
-Законот, зошто да не. Добро е драфт законот да оди за да биде се чисто и на крај да не испадне како сегашните закони коишто се половични и затоа се проблематични, како Законот за јазиците, со балансерот. Немаме против тоа, а што ќе содржи не можам да кажам. Но, можам да ви кажам дека ќе има јавна дебата кај што ќе се инволвираат инклузивно и академци од сите универзитети, стручни професионалци од таа сфера се во функција да биде најдобро решение и решение кое не може утре, задутре да се оспори од некој. Значи, мора да внимаваме на уставната категорија правична застапеност, но, воедно да не дојдеме во судир со Уставот и пак утре-задутре да ни се случи оваа ситуација, вели Меџити.
РЕГИОН
Албанскиот премиер Еди Рама, во пресрет на отворањето на прифатниот центар во Шенѓин и кампот во Ѓадр, каде ќе бидат сместувани емигранти, во интервју за „Ројтерс“ отфрлил секаква можност за договор со друга земја од ЕУ, освен Италија, за прием на имигранти, пренесуваат албанските медиуми.
Додал дека Албанија склучила договор со Италија да ги прифати бегалците кои пристигнуваат таму, за да помогне во спречувањето на нерегуларната миграција во ЕУ.
СВЕТ
СAД вчера објавија дека испраќаат напреден ракетен одбранбен систем во Израел и околу 100 американски војници да управуваат со него.
ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
ПРАШАЊЕ НА ДЕНОТ: Како почетокот на евроинтеграциите на Албанија ќе се одрази на нашата земја?
СЛОБОДНА ЗОНА
„Зошто и после триесет години пазарно организирана еконимија се расправаме за основни работи. Затоа што сме се некако на пола пат. Сакаме и претприемаштво ама тоа да го прави некој друг и да немаме одговорност за резулатите. Најсигурно ни е како во песната: социјално, пензиско и редовна плата, а на работа забушанти и постојано незадоволни од износот на платата. Ни балансери ни свети балансери нема да нè спасат од законите на конкуренцијата. Смешни се тврдењата дека поради балансерот администрацијата е неефикасна. Ако се балансерите 30% и ако нефикасноста ја земеме како целина од 100%. Кој е носител на другите 70% на неефикасноста. Тие небалансерите преку партиски листи влегоа или преку конкурентни квалитети и на јавен оглас? Ако ја загушија конкуретноста партиите во вработувањата во администрацијата, таа се излea преку границите. Статистиката вели дека 20% од работоспособното младо население својата конкурентност ја докажува во странство. Пазарна законитост на дело. Она што е потребно е рационализација на администрацијата и намалување на трошоците за неа а не разни правила за нејзино пополнување“, пишува Војо Мнаевски во колумната „Со половични мерки нема целосни резултати“.
*
„Во меѓувреме, ДКСК не се изјасни ниту покрена постапка за серија сомнителни случаи за кои се зборува и пишува во јавноста. Останаа глуви и слепи на информациите за подарениот стан на Јанушев, за бугарските фирми на Максим и Јанушев, за летењето со бизнис класа и за скапите рачни часовници на Мицкоски, купени 2014/2015 и непријавени во тогашниот анкетен лист, за конфликтот на интереси при запослување и поставување блиски роднини на раководни функции, за екскурзиите на спикерот и неговото блиско опкружување. Не им падна во очи ниту отсуството на анкетен лист на нивната веб страна од советникот на претседателката, Жидас Даскаловски“, пишува Драган Мишев во колумната „ДКСК на далечинско управување“.
Д. Муратов
Фото: НАТО