ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ на Светскиот ден на децата: Конвенцијата за правата на детето мора да биде минимална основа, а не недостижен сон! СТОП ЗА УБИВАЊЕТО НА ДЕЦАТА во војна!
Конвенцијата на Обединетите нации за правата на детето стапува во сила на 20 ноември 1989 година. Оттогаш, овој датум се одбележува како Светски ден на децата.
За многу деца во светот, пристапот до квалитетно образование, здравство, услови за достоинствен живот и правилен развој е изгубен засекогаш.
Трагична е загубата на секое дете. Геноцидната руска агресија против Украина предизвика насилна смрт, сакатење и трауми за голем број деца. Според Канцеларијата на јавниот обвинител на Украина, од 24 февруари 2022 година до 20 август 2023 година, најмалку 1.618 деца биле повредени како резултат на целосната руска инвазија на Украина, вклучително и најмалку 503 убиени деца. Постои висока веројатност дека бројот на загинати деца е многу повисок.
Трагедијата на децата во Појасот Газа е ужасна и невидена досега. Според податоците на Министерството за здравство на Палестина, од 7 октомври до 20 ноември, најмалку 5.500 деца загинаа во конфликтот во појасот Газа.
ЦИВИЛ ги повикува владите и меѓународните институции и организации да вложат максимални и решителни напори да ги сопрат воените дејствија против цивилното население во кое најтрагични жртви се децата.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
-Имам три пораки. Првата порака е дека политиката треба да ги тргне рацете од верата, бидејќи ние сме секуларна држава и секој граѓанин има право да ја практикува верата која што е негова без разлика на која религија и припаѓа и нашата држава е докажана како мултиетничка, мултирелигиозна држава во која што се почитуваат сите права. Второ, се потврди она што и јас го зборував во минатото дека во државата постојат политичари, пред се, тука мислам на опозицијата која што во моментот го води градот Тетово кој во немање на простор и немање проекти реално да покажат на граѓаните што имаат направено, а веќе гледате дека поминаа две години од локалните избори, половина мандат на градоначалниците отиде и тоа буквално така отиде бидејќи ништо не е направено во ниту една општина во однос на проектите што ги ветуваа. Единствено што им останува е да подгреваат национални, верски и други чувства на граѓаните. И затоа уште еднаш повторувам – политиката треба да ги тргне рацете од верата, рече премиерот Ковачевски.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПОЛИТИКА Избори во мај, коалицискиот договор со ДУИ е јасен, АА има капацитет да биде дел од европската коалиција, вели Ковачевски.
НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ Оваа година, заклучно со минатиот петок, кај Народниот правобранител поднесени се 191 претставки за повреда на правата на децата од различни области. И натаму најголем број на претставки се за повреди на правата на детето во рамки на семејството, односно семејно-правните односи, каде акцентот се става и на насилството врз децата во семсјството. Потоа бројни се претставките за повреда на правото во образованието – предучилишното, основното и средното образование и голем број на претставки се поднесени за заштита на децата од насилство или друг тип на злоупотреба, вклучително и булинг.
ПРАВДА За да се обезбеди подобра заштита на децата неопходно е заедничко дејствување на сите надлежни институции како и преземање на обврските и одговорностите кои се предвидени во Конвенцијата за правата на детето“, се вели во соопштението од Министерство за правда.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Што не е во ред со Унгарија? Орбан тргнува во фронтален напад против ЕУ и Украина
Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 18 ноември изјави дека верува оти разговорите меѓу ЕУ и Украина за нејзиното пристапување би биле грешка бидејќи Украина е „светлосни години“ од тоа да биде подготвена за членство, објави унгарскиот медиум, Маѓар Хирлап.
На состанокот на партијата Фидес на 18 ноември, Орбан фокусираше дел од својот говор на ЕУ, оспорувајќи ги „махинациите на бриселските бирократи“, „инвазијата на мигрантите“, „родовата пропаганда“, „илузиите на војната“ и „Недоволно подготвеното членство на Украина во ЕУ, пренесува Кијив индипент.
АЛ-ПРЕС
Во Албанскиот парламент опозицијата продолжува со немири во знак на протест против одбивањето на мнозинството да формира истражни комисии додека албанскиот премиер Еди Рама денеска најави седница за усвојување на државниот буџет за 2024 година.
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во рамки на турнејата на земјите од Балканот, денеска престојува во Косово.
Ова се само дел од темите од редакцискиот избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ- Прес.
СЛОБОДНА ЗОНА
„За секое дете, секое право“, гласи овогодинешната порака на ОН, по повод „Светски ден на детето“, меѓутоа, оваа порака за жал нема да важи и за десетгодишниот Мануел, кој пред два месеца беше усмртен на „Пластичарска улица“ во Скопје, а возачот доби само две години затвор.
Судот му одреди само две години затвор на „мерцедесџијата“ кој возел со поголема брзина од дозволената пришто го покоси малиот Мануел и побегна од местото, односно го остави како некое старо крпче на сред улица да му исцеди и последната капка крв! Но, тоа не беше битно за судот, важно е дека убиецот сам се пријавил и се покајал за стореното дело“, пишува Дехран Муратов во колумната „Да не се многу две години затвор за „мерцедесџијата“ кој усмрти дете“!?
*
„Антиевропејците во земјава не ја поддржуваат Украина, ставајќи ги на своја страна своите хомофобични, ксенофобични, евроскептични и авократски карактеристики на луѓето и појавите. И ВМРО-ДПМНЕ ја игра истата тактика: ја искористуваат руската инвазија, како што го искористуваат субверзивното делување на Москва на Балканскиот полуостров, за елиминација на политичките противници.
Денеска ништо така дисквалификационо и штетно не делува како оптужбата дека „шурувате“ со Москва; затоа огромен дел на македонското и албанското граѓанство, храбро и доследно ѝ помага на Украина, верувајќи во слободниот свет на кој се спротивставува Русија со нејзините сателити“, пишува Ненад Јовановиќ во колумната „Со путиновите системи на вредности – „мрш од тука“, ќе ја бранат Македонија“.
Д. Муратов












