ВЕСТ НА ДЕНОТ
Владата обезбеди пари за плати, земјоделски субвенции, здравство и образование
Зголемување на ставката плати во јавниот сектор за 4,25 милијарди денари, дополнителни 3,5 милијарди денари за раст на пензиите, дополнителни 800 милиони денари за земјоделски субвенциии, дополнителни средства за здравството и образованието. Ова се само дел од проекциите предвидени со Одлуката за прераспределба на годинашниот Буџет што ја донесе Владата на денешната седница.
Како што соопшти министерот за финансии Фатмир Бесими, Одлуката денеска ќе биде доставена од страна на службите до Собранието.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Гир: Политичките партии мора да се согласат дека ЕУ реформите се врвен приоритет, ова е национален проект
Ќе има две работи кои ќе бидат клучни за тоа кога земјата ќе се приклучи на ЕУ. Ќе повторам како прво, политичките партии мора да се согласат дека ЕУ реформите се врвен приоритет и дека ќе ги стават пред сите други приоритети, дека ова треба да биде национален проект. Не мора да се прави коалиција, здраво е да се има влада и опозиција, но мора да се согласат дека ова е главен фокус. Така Хрватска напредуваше во тешките години на спроведување на агендата. И втората работа е повторно поврзана со она што го нареков „национален проект“, а тоа е таа амбиција и одлучност да се оди напред со реформите преку вмрежување на сите институции: Владата, Парламентот, судството, полицијата…се што имате. Ако така се постават работите датумот е достижен, но мора да се имплементираат реформите, кои граѓаните сами ги бараат, рече евроамбасадорот Дејвид Гир во интервју на ТВ Сител.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Столтенберг: Путин направи стратешка грешка со потценување на нашата решеност да и помогне на Украина
Соработката меѓу ЕУ и НАТО отсекогаш била важна, но таа стана уште поважна со руската воена агресија врз Украина, каде ја гледаме најсуровата војна во Европа по Втората светска војна, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг во воведното обраќање на заедничкиот состанок на Комитетот за надворешни работи (АФЕТ) и на Поткомитетот за безбедност и одбрана (СЕДА) на Европскиот парламент.
*
Украина започна да извезува жито преку хрватските поморски пристаништа, со цел да ги прошири своите извозни рути бидејќи нејзините пристаништа на Црното Море се блокирани, изјави денеска првата вицепремиерка Јулија Свириденко.
ФЛЕШ ВЕСТИ
УКАЗ Претседателот Стево Пендаровски, денеска одлучи да го потпише Указот за прогласување на Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик.
ПРАВДА Основниот Кривичен суд Скопје денеска ги прогласи за виновни за примање и давање поткуп тројцата професори од Економскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во врска со предметот „Еразмус“.
ПОЧЕСНА СТРЕЛБА По повод 8-ми септември, Денот на независноста на Република Северна Македонија, во касарната ,,Илинден“ во Скопје со почеток во 18.00 часот, ќе се изврши почесна артилериска стрелба со истрелување на 10 плотуни од шест артилериски орудија, од состав на артилерискиот баталјон на Армијата.
ЧЕСТИТКИ Претседателот на ИНТЕРПОЛ, Ахмед Насер Ел-Рајси, упати честитка до министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски и граѓаните на државава по повод 32 годишнината од независноста, како и лична поддршка до Спасовски во идните подвизи.
АЛ-ПРЕС
Редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа од албанските медиуми во регионот – Косово инсистира на еднаквост на двете страни во дијалогот; 33 години од Качаничкиот устав; по договорот со Албанија, вратени се 3500 илегални имигранти од Велика Британија.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Имено, сите злосторства за кои јавноста беше скандализирана изминативе години, практично последните 10 години, ќе се претворат во ништо, во аш, ќе се претворат во „пуј пике не важи“, ќе се претворат во „појео вук магарца“. На мисла сум дека на таквата одлука на судот, гласачите на ВМРО-ДПМНЕ нема ни да писнат“, пишува авторот Ненад Јовановиќ во колумната „За мене поважна е слободата и иднината отколку „компромисот“ со синот на мама Нада“.
Д. Тахири