ВЕСТ НА ДЕНОТ
Синдикати на ЈСП: Доколку не се донесе одлука за субвенционирање на претпријатието од понеделник нема да има градски превоз
Синдикатите на ЈСП денеска предупредија дека доколку Советот на Град Скопје не донесе одлука за субвенционирање на претпријатието од понеделник нема да има градски превоз, освен можеби за децата кои ќе тргнат на училиште.
Претседателот на еден од трите синдикати во Миќо Стојановски, посочи дека обврските кон корисниците на услуги се исполнети, но дека вработените во ЈСП немаат земено плата од декември.
-Истата приказна е морбидно и болно да ја повторуваме, меѓутоа мораме да се избориме за нашите права од работен однос. Вработените во ЈСП Скопје своите работни задачи ги извршуваат согласно планот на Град Скопје тие обврски кон нашите корисници на услуги се завршени, меѓутоа обврските кон вработените во ЈСП намерно или ненамерно не се исполнуваат, така и со декемвриската плата која во законскиот рок требаше да биде исплатена до 15 јануари, но тоа градот и советот не го направија, појасни тој.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
„Никогаш во Македонија не сме успеале да постигнеме консензус за клучните теми, не е тоа само интеграција и ЕУ. Пример реформа во образование, вие немате концепт околу кој сите ќе се договорат за формата за наредните десет години без разлика кој е на власт. Реформа на пазар на труд реформи за земјиште, тоа се суштински реформи што овде не се прават и за кои нема консензус. Македонија се уште нема консензус дали сака да биде модерна држава“ посочи Орданоски.
ФЛЕШ ВЕСТ
ЕКОНОМИЈА Седумнаесет реформски мерки во шест структурни реформи содржи новата Програма на економски реформи (ПЕР) 2024-2026 која Министерството за финансии ја подготви заедно со другите институции, а ја усвои Владата на последната седница. Реформите, кои се како приоритети поставени во ПЕР 2024-2026 година, се насочени кон зајакнување на конкурентноста на земјата, одржливоста и отпорноста на економијата, како и зајакнување на човечкиот капитал и социјалните политики.
ЗДРАВСТВО Нова тендерска постапка за доизградба на Клиничката болница во Штип ќе биде објавена наскоро, а средствата за негово комплетирање ќе бидат обезбедени од државниот буџет. Веќе е покрената кривична постапка против грчката фирма „Интеркат“ која пред осум години почна да го гради објектот, најави денеска министерот за здравство Фатмир Меџити.
ИНТЕГРАЦИИ Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 54. Годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, вчеравечер говореше на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“ при што ја реафирмираше потребата од забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан, која, според него, позитивно ќе влијае врз безбедноста, севкупните политички процеси и реформската агенда, како и врз евро-оптимизмот во регионот.
СОРАБОТКА Камионите со стока кои увезуваат или извезуваат во Србија ќе се мерат само еднаш, истакна Богоев.
ИЗБОРИ На 25 јануари Управниот суд ќе расправа по тужбата што потпретседателката на Државната изборна комисија (ДИК) Дитмире Шеху ја поднесе откако членовите на Комисијата не го усвоија упатството со кое таа бараше составот на Општинските изборни комисии (ОИК) и Избирачките одбори (ИО) да се бира согласно вкупното население од пописот од 2021 година.
ПРАВДА Судскиот совет на денешната итна 474-та седница донесе одлука новоизбраната судијка во скопска Апелација, Александра Ристеска, времено да биде упатена во Основниот кривичен суд Скопје, сѐ до објавувањето на пресудата за случајот „Ласкарци“.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Втора воздушна тревога. Зајакнувањето на нашата воздушна одбрана не е важно само за заштита на градовите од руски дронови и ракети, туку и за операциите на фронтот.
Способноста за соборување на руски борбени авиони е еднa од клучните за праведно завршување на оваа војна, посочи украинската амбасадорка Лариса Дир на мрежата Икс, за време на воздушна тревога.
АЛ-ПРЕС
Специјалниот апелационен суд за корупција и организиран криминал го прифати барањето на поранешниот премиер Сали Бериша и неговиот зет Јамарбер Малтези да го одложат распитот за следната недела, известија албанските медиуми.
Се очекува највисоката судска институција во Албанија да одлучи за судбината на многу дебатираниот договор Рама-Мелони за сместување на најмалку три илјади бегалци.
Ова се дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот, за денешното издание на АЛ-Прес.
СЛОБОДНА ЗОНА
Централниот аргумент во јавните дебати во демократскиот свет се врти околу согледувањето дека на демократијата е под сериозна закана од радикалните националистички движења. Нивните стратегии за влијание врз јавното мислење, се состојат во продлабочување на општествените поделби, што има потенцијал да им помогне да се стекнат со политичка моќ по изборите што ќе се одржат во голем дел од светот во 2024 година.
Овие трендови се забележливи и во Северна Македонија, каде што националистичките, антидемократски и антизападни структури и инсталации се во офанзива, што има потенцијал да има сериозни импликации врз односите на земјата со Западот и со Русија. Без намера да дадеме конечни одговори, овој текст ќе се обиде да ја отслика ситуацијата во овој период, пишува Џабир Дерала во колумната „Сами во националистичкото мочуриште, со политичко срце што бие во Кремљ“.
*
„Новинарот и аналитичар Евгениј Дајнов неодамна објави истражување за тоа колку пати САД ја спасувале царска Русија, потоа и новоформираниот СССР, сѐ до годините пред распадот на Федерацијата. Тоа е некаде распон од 120 години кога бесплатниот увоз на храна за населението ги намалувал ужасните статистики за масовното умирање заради хроничен недостаток на храна.
Факт е дека на американската помош од овој вид се сеќаваат и нашите најстари сограѓани. Југославија го преживеа гладот благодарение на американската помош што се дистрибуирала низ годините, како во текот на војната, потоа на крајот на 40-тите и почетокот на 50-тите години. Тогаш, многу Југословени за првпат виделе инстант кафе, пуфер јакни, чоколади, најлонски чорапи, некои хигиенски средства и јајца во прав (т.н. Труманови јајца), кои беа мешани со вода пред употреба. Кај нас тоа се памти кај оние кои ја примале помошта во форма на споменатите артикли, а некои велат дека таква помош дошла конкретно во Скопје и после земјотресот од 1963 година“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Русите мислат дека светот постојано нешто им должи, па треба и да ги спасува од глад, откако ќе се исцрпат во своите војни“.
Д. Муратов












