ВЕСТ НА ДЕНОТ
Поднесено обвинение против Рамиз Мерко
Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен предлог против Рамиз Мерко за несовесно работење во службата од член 353-в став 1 од Кривичниот законик. Обвинителниот предлог против Мерко е поради сомнежи дека кога назначувал директор на училиште во селото Лабуништа, тоа го направил противзаконски.
Обвинетиот, како службено лице градоначалник на општината Струга, на 31 јануари 2022 година, свесно ги повредил законските прописи за совесно постапување при именувањето на вршител на должност – директор на општинско основно училиште во селото Лабуништа. Притоа, донел решение и за вршител на должноста именувал лице кое не било од редот на вработените, како што е предвидено во членот 118 од Законот за основно образование, и немала соодветно работно искуство во воспитно-образовна работа предвидено во членот 109 од Законот. Така обвинетиот овозможил лицето да биде именувано на функцијата и да и се исплаќа плата како в.д. директор 19 месеци, со што на училиштето му била нанесена штета во вкупен износ на неосновано исплатените плати и придонеси, пишува во соопштението од Јавното обвинителство.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Во однос на вчерашната одлука на Владата за намалување на коефициентите за плати на функционерите за да не се случи она зголемување од 200 евра, премиерот Талат Џафери по посетата на ООУ „Тодор Јанев” во Општина Чашка рече дека како премиер и како Влада треба свесно да ја следи логиката на законите коишто се донесени во Собранието.
– Впрочем, седум години сум го водел Собранието. И законите коишто се носат таму се обврска да се спроведуваат, а Владата има обврска да спроведува закони. И она што е моја надлежност како премиер и на Владата како институција е соодветно да реагира на законските решенија навремено за да не оставите простор да дојдете во ситуација на крајот на месецот поради овие формални работи да не можете да исплатите плата на вработените. Од таа причина, значи усогласување на коефициентите на лицата коишто се во рамки, во надлежност на Владата се усогласени со законските решенија, изјави Џафери.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИЗБОРИ Дијаспората ќе гласа само за претседател, нема доволно пријави за изборите на пратеници
ДИК На 87-та седница на Државната изборна комисија (ДИК) попладнево беа разгледани 45 барања за изземање од извршување на должноста претседател, заменик претседател, член или заменик член на општинските изборни комисии за претстојните избори.
ИНТЕГРАЦИИ Претставници на Советот на ЕУ и на Европскиот парламент денеска ќе одржат нова рунда преговори во рамки на „тријалогот“ за Предлог-регулативата за Механизмот за реформи и раст на Западниот Балкан, на која ќе присуствува и еврокомесарот за соседска политика и проширување Оливер Вархеји во својство на претставник на Европската комисија.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Планот што денеска Украина го достави до ЕУ е показател како земјата со комбинација на реформи и инвестиции може да се врати на брз раст и да почне да ги надоместува загубите што ги предизвика руската агресија, порача денеска претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен пред средбата со украинскиот премиер Денис Шмихал.
*
Чешка обезбедува 300.000 артилериски гранати, Литванија донира 35 милиони евра за иницијативата – муниција за Украина
*
Новоизбраната претседателка на Меѓународниот кривичен суд (МКС), Томоко Акане, изрази цврсто уверување дека рускиот претседател Владимир Путин, против кого судот во Хаг издаде налог за апсење, ќе биде изведен пред лицето на правдата за неговите воени злосторства во Украина.
*
Украинскиот министер за надворешни работи беше домаќин на брифинг во живо со над 160 новинари и уредници од 65 земји низ светот. Министерот Кулеба зборуваше за надворешната политика на Украина додека Русија продолжува да ја ескалира безбедносната ситуација во регионот Донбас, Крим и долж границата на Украина.
КОНФЛИКТИ
Британското Министерство за надворешни работи соопшти дека пакет со 2.000 тони храна преку Јордан денеска пристигна во Појасот Газа.
*
Папата Франциск, на својата неделна општа аудиенција на плоштадот Свети Петар, уште еднаш повика на мир со преговори и ги осуди крвавите конфликти во Украина и Појасот Газа.
АЛ-ПРЕС
Албанскиот премиер Еди Рама вчера на прес конференција ја турна со рака по лице новинарката Амброзија Мета. По овој инцидент реагираа албанските медиуми и Мониторинг групата за кршење на слободата на медиумите. Рама одби да се извини, тврдејќи дека тоа е лага.
Бесник Бислими и главниот српски преговарач Петар Петковиќ вчера се сретнаа во Брисел со посредство на специјалниот претставник на ЕУ, Мирослав Лајчак.
Ова е првпат претставници на косовската влада да учествуваат на вакви разговори откако Косово, со регулативата на Централната банка која стапи на сила на 1 февруари, престана да го користи српскиот динар, со што еврото стана единствено платежно средство, известуваат косовските медиуми.
Ова се дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Носителот на листата на ВМРО-ДПМНЕ за парламентарните избори во изборната единица 2, Владо Мисајловски ќе биде запаметен по тоа што непосредно пред два претходни избори – во 2017 и 2020 година имаше пожари во неговиот дом и фурната на татко му. За едниот од пожарите имаше и обвинување од негова страна дека се работи за подметнат експлозив. Оваа теза никогаш не се докажа, пишува Љубомир Костовски во анализата „КАРИЕРА ВО КОЈА БРАТОТ Е ГЛАВЕН „ЖИРАНТ“: Владо Мисајловски, од примерен спортист до политичар во сенката на Мијалков“.
*
„Претходната се брукаше во мандатот, ништо не ѝ тргна од рака, ниту еден позначаен предмет не истурка до епилог и притоа сè некој друг, друга некоја институција ѝ беше виновна и наместо со крупни корупциии…“ – пишува Зоран Иванов во редовниот опинион прилог ПО ДОПРЕН ГЛАС, под наслов „Антикорупциска нова – прво па машко или прво па утка – извесното, секако, е второво“.
Д. Муратов