ВЕСТ НА ДЕНОТ
Собранието го донесе Законот за забрана на нефер трговски практики
Собранието на Република Северна Mакедонија на денешната седница го изгласа Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи. Со Законот се уредуваат условите и начинот како ќе се врши трговија со земјоделски и прехранбени производи. Неговата примена, како што информираат Министерството за економија, се очекува да влијае во намалување на цените на земјоделските и прехранбените производи, а со тоа и на квалитетот на производите.
Како што се наведува во соопштението, прв пат во државата се носи вакво законско решение во кое има наведено 26 нефер трговски практики кои ќе се уредуваат.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Справувањето со недостигот на работна сила на Западниот Балкан бара рационален и храбар пристап. Треба прво да видиме што може да се направи во регионот со постоечките ресурси, а не да одиме во потрага по работна сила. Потребено ни е преструктурирање на економијата, инвестирање во технологија и индустрии кои носат поголема додадена вредност и подобро платени работни места“, истакнал Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ на Балканскиот форум кој се одржува во Будимпешта.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ДИК Државната изборна комисија (ДИК) на денешната 86. седница едногласно ги усвои измените и дополнувањата на Регистарот на радиодифузери, печатени медиуми и електронски медиуми и интернет портали, за избор на претседател на републиката, како и за избор на пратеници во Собранието.
ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО За три години четирикратно се зголеми насилството меѓу младите. Од Министерството за внатрешни работи за ЦИВИЛ Медиа испратија статистика за насилничкото однесување на младите во последните три години. Според статистиката на МВР во 2021 година има 27 регистрирани случаи, додека во 2023 година регистрирани се 102 настани на насилничко однесување помеѓу ученици.
ПОВИК ЗА НАСИЛСТВО „Ако некој сака да ја влече за коса во Уранија е“, гласи повикот за насилство врз поранешната пратеничка на СДСМ и министерка за одбрана, Рамила Шекеринска, од извесен профил Блефер на социјалната мрежа Х, објавувајќи неовластено фотографија од нејзе како седи во кафуле.
ВОЈНА ВО УКРАИНА
Долгогодишниот помошник на покојниот руски опозициски лидер Алексеј Навални, Леонид Волков, бил нападнат со чекан и испрскан со солзавец во вторникот во литванскиот главен град Вилнус, изјави поранешната портпаролка на Навални, Кира Јармиш.
*
Според годишниот извештај, претставен од комесарката за прашања на Бундесверот на Бундестагот, Ева Хогл, на 12 март, и покрај недостигот на опрема и персонал, германската армија, заедно со партнерите, е во состојба сигурно да ја брани својата земја и НАТО во целина, а исто така е подготвена да продолжи да и помага на Украина, јавува дописникот на Укринформ.
*
Администрацијата на Бајден во вторникот објави уште еден пакет воена помош за Украина во вредност од 300 милиони долари, по неколкумесечно предупредување дека нема пари, а официјалните лица изјавија дека новото финансирање станало достапно како резултат на заштедите направени во договорите за оружје.
АЛ-ПРЕС
По речиси пет месеци судири и хаос, албанското собрание ќе се врати во нормала, откако претставници на мнозинството и опозицијата постигнаа начелен договор, известуваат албанските медиуми.
Според претставникот на ЕУ во Косово, истрагата за нападот во Бањска може да потрае со години, чекајќи Србија да го почне процесот на истрага, гонење и правда за сите вклучени во терористичкиот напад, пренесуваат косовските медиуми.
Ова дел од темите од денешниот редакциски избор на ЦИВИЛ Медиа, од албанските медиуми во регионот за денешното издание на АЛ-Прес.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Феноменот на политичката сцена во оваа западнобалканска земја е во тоа што некои политичари повеќе се занимаваат со оние што се надвор од директниот политички натпревар и му припаѓаат на активното граѓанство.
Сликата е асиметрична и нелогична.
Цели партиско пропагандни машинерии, со регрутирани квази новинари, интелектуалци и small-time Nazis впрегнуваат за да ги заплашат и да ги попречат во работата, да им го загорчат животот или барем само да ги повредат на лични нивоа.
Безмалку ќе им поминат изборите, а тие сѐ уште се занимаваат со погрешната мета и тоа на крајно приземен начин“, пишува Џабир Дерала во колумната „Во пештерите на незнаењето и примитивизмот“.
*
„Зошто сметаме дека политичар може да биде секој што е партиски активен или јавно застапува партиски идеи? Дали секоја позиција треба да биде достапна за секој што застапува партиски ставови? Со влегувањето на еден интелектуалец во партиските органи и застапување партиски ставови тој или таа престанува да биде она што според дефиниција треба да биде – согледувач на процесите и нивен критичар. Како ќе критикуваш погрешни политики кога политичката положба ја должиш на партиските структури? Ако не си критички свртен кон појавите тогаш со што го оправдуваш своето разбирање на поимот – интелектуалец? Две лубеници под една пазува не се носат“, пишува Војо Маневски во колумната „Зошто избираме неполитичари, а бараме да знаат политика?“.
*
„Изборот на Мицкоски е тој, она што го говориме со денови и месеци. Таму нема никакво изненадување, таму воглавно се кадрите коишто беа кадри и за време на власта на Груевски. Не очекувам дека ќе слушнеме ништо ново. ВМРО-ДПМНЕ генерираат црни вести и тоа продира во јавноста, изјави аналитичарот Сашо Орданоски на поткастот „Политиканти.
Д. Муратов