ВЕСТ НА ДЕНОТ
ЦИВИЛ – Центар за слобода (Северна Македонија) и МЕДИА ДИЈАЛОГ / Y4M (Северна Рајна-Вестфалија, Германија) објавија дека претстојната меѓународна конференција „Одбрана на демократијата и човековите права во лицето на војната, национализмот и авторитаризмот“ ќе се одржува на 11 и 12 декември во Скопје, Северна Македонија.
Овој голем меѓународен настан ќе ги собере водечките експерти, креаторите на политики, лидерите на граѓанското општество и новинарите од Европа и САД за да се осврнат на итните закани со кои се соочува демократијата и човековите права ширум светот.
Владата на германската сојузна покраина Северна Рајна-Вестфалија (NRW) ја поддржува оваа важна меѓународна конференција. Настанот е дел од Неделата за човекови права на NRW, која вклучува различни формати на оваа тема. Северна Македонија и Северна Рајна-Вестфалија се поврзани како земји партнери од 2021 година.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Домаќин и модератор на трибината беше Џелал Хоџиќ, претседател на СДА Македонија, а говорници беа Љубчо Георгиевски, претеседател на ВМРО Народна партија и поранешен премиер на државата, Никица Корубин, поранешен пратеник и аналитичар, како и Ивон Величковски, лидер на Движење за нова република и исто така поранешен пратеник.
РЕГИОН
Откажан Самитот на лидерите на Западен Балкан во Неум бидејќи пропадна тендерот за организацијата
Советот на министри го откажа Самитот на лидерите на Западен Балкан во Неум, бидејќи пропадна тендерот за организација на тој настан, јавија сараевските медиуми. За организатор беше избрана фирмата „Мајндсет“, но по поднесена жалба тендерот е поништен.
СВЕТ
Упатени закани со бомби кон кандидатите за тимот на Трамп во Белата куќа
Неколку од номинираните во кабинетот на Доналд Трамп и избраниците за неговиот тим во Белата куќа беа цел на закани за бомби.
ФБИ соопшти дека знае за „многубројни закани со бомби“, како и за „инциденти со вадење“, во кои се прават лажни повици за да се привлече полициски одговор до домот на целта. Беа упатени закани против најмалку девет лица избрани од Трамп да ги водат министерствата за одбрана, домување, земјоделство и труд, како и неговиот избор за американски амбасадор во Обединетите нации, меѓу другите.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Измрзнатите граѓани на Скопје, жртви со денови од блокадите на јавниот превоз што ги предизвика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, сите оние кои губеа часови на училиште, не се јавија на испити на факултет, а некои губеа и работа заради енормно доцнење, се на добар пат одново да бидат „возени“ со демагошките потези и пропагандни трикови на лидерот на владејачката партија. За тие негови потези постои објаснување во политичката теорија“, пишува Љубомир Костовски во анализата „Мицкоски е на добар пат уште еднаш да ги извози скопјани до новите локални избори“.
*
„Дали ќе опстанеме како заедница и држава која функционира, зависи од храброста да се зафатиме со реформите и тоа во сите сегменти. Оној политичар што ќе има храброст да раководи со овие процеси треба да се стави на највисокиот пиедестал во историјата. Веројатно современиците ќе го крстат со погрдни имиња, ама како и во хирургијата ако не се отстрани заболеното ткиво ќе пропадне организмот, а лекарот треба да го лечи, а не да го одржува по секоја цена во постела“, пишува Војо Маневски во колумната „Можни ли се реформи во нашето правосудство“?
*
„Ние не отстапуваме, ги нацртавме црвените линии и немаме намера да ја билатерализираме нашата позиција во евроинтеграциите, рече денеска премиерот на Република Северна Македонија покажувајќи им среден прст на европејците како негова балканска мачо ерекција, пардон, реакција на нивната најнова шлаканици од каде што по стоти пат, еве и денеска, пак му порачаа да заборави на неговото таканаречено одложено уставно дејство со што Мицкоски, со неговото не за ЕУ, засега, и за кратко можеби незабележливо, практично, ја втурна земјава во нова македонска меѓу партиска и воопшто политичка криза кон која води ваквиот негов манир на комуникација со меѓународната, а сето во името на некаква негова шифрирана грижа за гордоста на нацијата, за гордоста на егзистенцијално најбедната нација во регионов, за пошироко ич збор не станува, па, па оттука, неговиот избор во наше име од типот ЕУ или гордост, на крајот, неизбежно, ќе се сведе на нашата македонска автентична судбинска историја која не само што се повторува туку која, еве, како панаѓурски рингишпил уште нè врти во круг, нè врти на кружната патека со старт без цел, патека со почеток без крај“, пишува Зоран Иванов во коментарот „Мицкоски нè отпиша, ЕУ не нè запишуе или Среќна Нова 2024“.
Д. Муратов