Вест на денот: ЦИВИЛ на турнеја во Полошкиот регион
По динамичната агенда на организацијата во Вардарскиот и Скопскиот плански регион, на 23 јули 2019, ЦИВИЛите работеа во пет општини на Полошкиот регион, поточно Гостивар, Врапчиште, Тетово, Теарце и Јегуновце. Ова е само една од летните теренски турнеи што се спроведуваат на различни теми, во проектите на организацијата. Проектот „Зелена иднина“ во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел (регионална канцеларија во Сараево) вклучува директна комуникација со граѓанките и граѓаните за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот.
Во Гостивар, ЦИВИЛ имаше средби со претставници на граѓанското општество, со своите членови, поддржувачи и соработници, како и со градоначалникот на Општина Гостивар, Арбен Таравари.
Анкетираните граѓанки и граѓани зборуваа за национализмот и за нивото на грижата на Општината за животната средина и одржувањето на јавниот простор. Со градоначалникот Таравари разговаравме за политичките процеси и настани, за проблемите на релација локална и централна власт, за транспарентноста и одговорноста, изборните процеси и односите меѓу етничките заедници.
Во Тетово, граѓанките и граѓаните во комуникација со тимовите на ЦИВИЛ, го изразија своето незадоволство и крајна разочараност од градоначалничката Теута Арифи и од локалната власт, особено во однос на заштитата на животната средина, регулацијата на сообраќајот, уништувањето на парковите и негрижата за природните ресурси што економски можат да му помогнат на градот, а во овој период само дополнително се уништуваат.
Тимовите на ЦИВИЛ споделија печатени материјали во кои накратко се опишуваат зелените вредности и поврзаноста со социјалната правда и антинационализмот, како и повикот за вклучување на граѓанките и граѓаните во процесите за донесување на одлуките.
Оваа турнеја започна со низа теренски активности во Вардарскиот регион. По Полошкиот регион, тимовите на ЦИВИЛ ќе заминат кон Југоисточниот регион, а на враќање, ќе се задржат во Источниот регион. До крајот на летото, ЦИВИЛ ќе го посети и Пелагонискиот регион.
Сојузот на стопански комори открива уште една пријава за рекет
Уште еден бизнисмен, член на Сојузот на стопанските комори на Македонија пријавил дека бил подложен на рекет, а претседателката на ССК Даниела Арсовска бара брза разрешница на состојбата. Tаа истакна дека станува збор за голема компанија, не прецизирајќи за која компанија станува збор и од кој сектор доаѓа.
„Ова што го слушаме навистина е нешто што ја раздрма деловната заедница. Брза разрешница е нешто што ќе ни влее малку доверба дека она што го зборуваме во изминатата година континураино, дека без владеење на правото, заштита на сопственоста и без некој да се грижи за луѓето што инвестираат, креираат работни места во земјава не можеме ништо да направиме и да постигнеме па ниту и да се трудиме да кажеме дека оваа или која било година ќе биде економска година“, истакна Арсовска.
Царовска: Платите на социјалните работници зголемени за 22 отсто
За 22 отсто поголеми плати добиле вработените стручни работници и соработници во центрите за социјални работи, а во септември ќе добијат повисока плата за уште пет проценти. На ваков начин, како што изјави денеска министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, се враќа достоинството на социјалниот работник, се овозможува негова поголема мотивираност во работата за социјалните случаи да ги надминат проблемите со кои се соочуваат.
На ова покачување, најави Царовска, во септември ќе добијат и дополнителни пет отсто покачување, што, како што рече, укажува дека се враќа достоинството на социјалниот работник кој работи интензивна тешка работа и на меѓусебни односи кои се најтешко решливи во општеството.
Еколошките налепници на автомобилите можат да влијаат на помалку од 0,38 отсто од загадувањето на воздухот
За различните аспекти за загадувањето на воздухот во земјата, новинарот Игор К. Илиевски подготви серија текстови што ќе се објавуваат на ЦИВИЛ Медиа и Зелен ЦИВИЛ.
Забраната за движење на автомобили без еколошка налепница може да влијае на помалку од 0,38 отсто од загадувањето на воздухот со вкупни цврсти честички, покажува споредбата на податоците од неколку државни студии.
Собраниската Комисија за економски прашања во вторникот прифати четири од 13 амандмани на текстот на предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за возила. Со нив се отфрли предвидената обврска возилата задолжително да подлежат на еколошка категоризација според степенот на загадување, но се воведува забрана за управување на некатегоризирани возила, или возила без зелена налепница, во зони што при зголемено загадување ќе им бидат забранети за движење. Во деновите кога локалните власти ќе прогласат таква забрана, во тие зони ќе може да се движат само возила со зелена маркичка.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Владата најави борба против лажните вести и ширењето дезинформации
Владата работи на акциски план за справување со дезинформациите и лажните вести, објави премиерот Зоран Заев.
Овој предлог акциски план ќе биде ставен на разгледување и јавна дебата пред невладините огранизации и граѓаните. Акцискиот план содржи безбедносни и проактивни мерки.
Филипче: Со дисперзираните центри ќе се решат проблемите со лекување на зависниците и давање терапија, нема потреба од страв и паника
Дисперзијата на лекувањето на зависници низ Центри во државава ќе го реши проблемот, а соработката со Општините, невладините организации и со граѓаните ќе биде за да се укаже дека нема потреба од страв и паника, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче одговарајќи на новинарско прашање за ситуацијата со лекувањето на зависниците и за нивната терапија.
„Медена земја“ од 26 јули во кината во САД
Документарниот филм „Медена земја“ од 26 јули ќе се прикажува во кината во САД. Застапуван од американската компанија за производство и дистрибуција на филмови „Неон“, која ги откупи правата за прикажување во Северна Америка, македонскиот победник на „Санденс“ ќе има кинодистрибуција во селектирани киносали, вклучувајќи ги „Ламли Ројал“ во Лос Анџелес и „Куад синема“ во Њујорк.
Дијана Тахири