Вест на денот: „Перспективите на македонските избори“ – конференција на ЦИВИЛ за изборни реформи
ЦИВИЛ денеска одржа конференција посветена на изборните реформи. На Конференцијата се говореше за потребата од реформи во изборниот систем во целост, а поконкретно ќе се отворат темите за Изборниот законик, изборниот модел, Избирачкиот список, политичкото финансирање и медиумите и изборите. На конференцијата учествуваа државниот врв, министри, лидери на политички партии, експерти и невладини организации. На конференцијата, со видео порака, се обрати и премиерот Зоран Заев, кој е во Њујорк на 74. Заседание на Обединетите Нации.
Конференцијата ја најави претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала и по што дискусијата ја отвори претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, кој во своето обраќање пред присутните истакна дека е исклучително важно да се дискутира за едно вакво прашање како што се изборите, но и дека демократијата е многу повеќе од изборите.
Премиерот Зоран Заев, преку видео порака им се обрати на учесниците и присутните на Конференцијата за изборни реформи „Перспективите на македонските избори“ и изрази увереност дека од дискусијата ќе произлезат конструктивни насоки за законската и институционалната рамка за изборниот систем, кои Владата ќе ги проследи со посебно внимание.
Н.Е. Амбасадорот на Сојузна Република Германија, Томас Герберих, во своето воведно обраќање на Конференцијата за изборни реформи: Перспективите на македонски избори, изјави дека е крајно време нашето општество да се обедини и тесно да соработуваат сите етникуми со цел да се надминат поделеностите.
На конференцијата се обратија и министри и високи претставници на политичките партии, а конференцијата беше пренесувана во живо на онлајн каналите на ЦИВИЛ.
Настанот е дел од проектот „Слободни граѓанки и граѓани за слободно општество“, финансиран од Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
Германскиот Бундестаг утре официјално со зелено светло за почеток на преговори
Германскиот Бундестаг утре и официјално ќе даде зелено светло за почеток на преговори со Северна Македонија и Албанија, а на седницата на покана на претседателскиот на германскиот Парламент, Волфганф Шојбле, ќе присустува и вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи.
Владејачките германски партии ЦДУ и СПД вчера постигнаа согласност да се одобри датум за почеток на преговори со Европската унија за Северна Македонија и Албанија, а се очекува поддршката да ја даде уште најмалку една партија, Зелените, јави Дојче Веле. Одлуката била донесена вчера на состанок на коалициските партнери во германската Влада.
Флеш вести
Средба Заев – Мицотакис
Премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, вчера се сретна со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, за време на Генералното собрание на ОН. На средбата, премиерот Заев истакна дека Владата на Република Северна Македонија е максимално фокусирана на конструктивен пристап во градењето меѓусебно партнерство засновано врз пријателство и заеднички интерес за просперитетен регион во интерес на граѓаните на двете земји.
Грчкиот премиер ја изрази својата поддршка за отворање на преговорите на Северна Македонија со ЕУ и беше потенцирано дека доследната и навремена имплементација на Договорот од Преспа е клучна за унапредување на односите и обезбедување на европската перспектива за Северна Македонија.
Јанева и Боки 13 прво ќе прават увид во доказите, па ќе дадат исказ за „Рекет“
Третоосомничената во случајот „Рекет“, поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, исто како и првоосомничениот Бојан Јовановски-Боки 13, вчера во Основното јавно обвинителство за организиран криминал и корупција побара да направи увид во доказите, па потоа да го искористи правото да даде исказ. Второосомничениот Зоран Милевски-Кичеец со „амин“ на ОЈО ќе биде пуштен во домашен притвор.
Адвокатката на Јанева, Ирена Фрчкоска, по излегувањето од ОЈО вчера рече дека нејзиниот клиент најпрво ќе го искористи правото да изврши лично увид во доказите, па потоа ќе даде исказ. Најави дека увидот во доказите ќе биде извршен в четврток.
Генералниот секретар на УНКТАД официјално ја промовираше Ангеловска за амбасадорка на дигитална трговија
Министерката за финансии Нина Ангеловска, во рамки на 74-то Генерално собрание на Обединетите нации (ОН), беше промовирана како една од првите „жени амбасадори на дигитална трговија“ во светот, синоќа во Њујорк.
Ова исклучително и уникатно признание и го врачи Мукиза Китуи, генерален секретар на УНКТАД – телото на Обединетите нации за трговија, инвестиции и развој. Покрај Ангеловска, уште шест жени претприемачи од целиот свет ја добија оваа титула од УНКТАД.
Д. Тахири