Вест на денот: Метју Палмер во Скопје
Специјалниот претставник на американскиот државен секретар на САД за Западен Балкан, Метју Палмер денеска престојува во работа посета на Северна Македонија.
Палмер денеска се сретна со министерот за надворешни работи Никола Димитров. По средбата Палмер ја истакна силната поддршка од страна на САД кон Северна Македонија во членството на НАТО и ЕУ.
„Секогаш е задоволство да се биде тука во Северна Македонија. Доаѓам во моментите кога земјата е блиску до членството во НАТО, и само прашање на време е кога ќе се случи. Уште еднаш тука сум да ја истакнам и силната поддршка на САД кон Северна Македонија за членството во НАТО, како и на патот кон членството на ЕУ“, рече Палмер по средбата со Димитров.
Пендаровски: Освен сојуз со ЕУ, неприфатливи се алтернативни форми на партнерство
За нас не постои подобра алтернативa од интеграцијата во ЕУ и затоа сите други опции за стратешки или специјални партнерства се невозможни и неприфатливи, истакнува претседателот Стево Пендаровскиво интервју за Ал џезира Балкан.
– Алтернативи има колку сакате, опции колку сакате, меѓутоа поодржлива, поефикасна за нас на оваа географска локалција на Балканот со ваква хетерогена структура на популацијата не постои. Тоа го покажуваат сите објективни и реални анализи. Се спомнуваше дека ние сме дел од некакво соседство. Соседството во однос на ЕУ е друга категорија, сосема друг статус на држави. Соседи на ЕУ се централноазиските држави или северноафриканските држави, тој појас. Ние не сме соседи, ние сме структурно и географски, но и институционално дел од Европа. Дали ќе бидеме членки и кога ќе бидеме зависи од исполнување на критериумите. Меѓутоа ние не сме соседи, целиот Западен Балкан не е третиран како сосед на ЕУ, туку како дел од ЕУ односно дел кој еден ден ќе биде дел и од институционална Европа, изјави Пендаровски.
Пратениците од ВМРО -ДПМНЕ ја напуштија седницата на Комисијата за европски прашања
На денешната собраниска седница на Комисијата за Европски прашања се обрати Заменик на Претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, Бујар Османи, којшто пред присутните се обиде да објасни што се случувало во Брисел. Пред присутните се обрати и пратеникот Антонијо Милошоски. По обраќањето на Милошоски пратениците од ВМРО-ДПМНЕ ја напуштија седницата.
„Преспанскиот договор не може да се комплетира целосно ако ние сме вон пристапниот процес кон Европската Унија“, рече денеска шефот на дипломатијата Никола Димитров на седницата на собраниската Комисија за европски прашања, на која се дебатираше за одлуката на Европскиот совет да не и додели на земјава датум за преговори за членство во ЕУ.
Флеш вести:
Нема одложување на изборите поради Протоколот за НАТО
Премиерот Зоран Заев денеска ја отфрли можноста да се одложат изборите поради престојната ратификација на Протоколот за членство во НАТО во Собранието на Република Северна Македонија.
Протоколот откако ќе биде ратификуван од сите земји-членки, треба да дојде во нашето Собранието, каде пратениците исто така ќе пристапат кон негово ратификување со што ќе се официјализира членството во Северноатлантската алијанса.
Нема договор меѓу СОНК и МОН, преговорите продолжуваат
Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК) и Министерството за образование денеска не постигнаа договор, но најавија дека до крајот на неделата повторно ќе се состанат.
По средбата, министерот Арбр Адеми изјави дека преговорите продолжуваат.
Заев очекува истрагата да покаже каде е Игор Спасов
Премиерот Зоран Заев очекува истрагата да покаже каде е Игор Спасов, кој е осуден за убиството на Мартин Нешковски.
Заев денеска, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека институциите постапиле согласно законот и оти биле запазени сите процедури.
Мисла
Од Корнер
Пишува: Зоран Иванов
Дека недобивањето датум за почеток на преговорите со Европската унија е грешка, грешка е. Историска, не историска, сеедно, сепак грешка. И за Унијата и за нас посебно. Ова тврдење го промовираа во факт сите релевантни европски фактори освен, се разбира, авторот на грешката, актуелната Макронова дипломатија.
Утешителните потчукнувања по рамо од влијателните меѓународни авторитети е убав гест на внимание. Љубезно одбраните пораки дека вината не е до нас, милуваат врз ушите. Ни влијаат толку благопријатно што колективно не`тераат на дремка. Се чини посебно мамурно делува врз нашите актуелни политички структури. Целиот тој пост- Бриселски амбиент, од првичниот шок, преку депресија сега се движи кон летаргија. Оркестрираната пасторала на европската заедница ги оттурна од реформските обврски.
ЦИВИЛ – активности
Екипа на ЦИВИЛ денеска спроведе анкета низ центарот на Скопје, со прашање до минувачите „Дали државата заслужува да влезе во Европската унија?“
Дијана Тахири, во соработка со Маја Ивановска и Зоран Иванов