ВЕСТ НА ДЕНОТ: Славеничко пукање
Синот на пратеникот од ДУИ, Џевад Адеми, и уште едно лице вчера вечерта се ранети на свадбена прослава во Мала Речица. Од семејството на Адеми за албанските медиуми потврдиле дека од заталкан куршум биле ранети две лица кои се пренесени во болница во Скопје и дека еден од нив е синот на пратеникот.
Секоја година во јавноста изегуваат информации за ранети или загинати лица од славеничко пукање. ЦИВИЛ како организација која е дел од Меѓународната акциона мрежа за борба против нелегалното оружје, континуирано излегува со серија препораки за контрола на оружјето.
„Владата на Груевски беше глува кон препораките на ЦИВИЛ во изминатите години, а ги сопре и проектите за превенција и реформи во полицијата од кои дел беа посветени на овие теми. стите правила, истиот закон важат и денеска во Македонија. Ситуацијата не е променета… Се пука!… Крајно време е засегнатите страни во доменот на општеството, институциите и Владата да преземат сериозни чекори за надминување на култот кон оружјето и другите проблеми поврзани со оружјето. Контролата на оружјето не е само полициска задача, туку тоа е дел од долгорочни и мултидисциплинарни мерки за справување со култот кон оружјето.“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ со апел до МВР да преземе конкретни мерки и да воведе строги санкции за употребата на оружје како дел од прославите.
Заев за средбата Мицкоски-Орбан
„Ова за мене е многу логично. Се работи за двајца претседатели на политички партии од десницата. Тие се членки на ЕПП и логично е да се среќаваат. Секако убаво е да се поделат сите детали со јавноста како што тоа е обврска на сите јавни личности од таквите средби. Јас верувам дека таа средба може да придонесе кон зајакнување на пријателството помеѓу Република Северна Македонија и Република Унгарија“, изјави премиерот Зоран Заев одговорајќи на новинарско прашање при денесшната посета на Битола за средбата меѓу Христијан Мицкоски и Виктор Орбан.
Прашан за коментарот на Никола Груевски на Фејсбук дека „поради случувањата во земјава држава му идело да му помогне на Заев“, премиерот рече дека Груевски најдобро би помогнал кога би се вратил во земјава за да си ја отслужи казната.
Во јавноста за посетата на Мицкоски во Унгарија се зборуваше дека се сретнал и со Груевски. Од ВМРО-ДПМНЕ или од нивниот лидер Мицкоски нема официјална потврда.
МВР нема да толерира насилство и незаконско однесување
Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, изјави дека полицијата презема мерки во врска со инцидентот што го предизвика охридскиот советник и бизнисмен Нефи Усеини, а по целосното комплетирање, случајот ќе биде предаден до Обвинителството за натамошно постапување.
„Тоа е состојба на човек кој се однесува крајно неодговорно, насилнички. Тој е повикан во полициска станица, земени се изјави, а се земаат изјави и од други сведоци очевидци на целиот настан и сите елементи што ќе бидат исполнети за кривично дело ќе бидат доставени до Јавното обвинителство“, изјави министерот Оливер Спасовски одговарајќи на новинарско прашање до каде е случајот со инцидентот направен од Усеини.
Медиумите минатата година работеле со загуба
Финансиските резултати од работењето на јавниот радиодифузен сервис и на комерцијалните телевизии и радија за минатата година покажуваат дека македонските медиуми лани оствариле загуба од 96,91 милиони денари, се наведува во Анализата на пазарот на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за 2018 година. Во Анализата на (АВМУ), се посочува дека на крајот на 2018, Македонската радио-телевизија (МРТ) првпат по пет години прикажала загуба во работењето. Така, приходите на МРТ лани се намалиле за 8,44 отсто, на комерцијалните телевизии за 4,52 проценти, а на комерцијалните радиостаници за 3,60 отсто.
Флеш вести
За учество во реализацијата на најавените мерки од програмата наречена План за чист воздух досега се пријавиле 19 општини од земјава, информираат од Владата. За реализација на програмата предвидени се 64.000.000 денари, при што, средствата по општините се распределени од 6.860.000 денари максимална до 312.000 минимална, по општина. Критериумите, за избор на општини кои ќе ги добијат средствата се поделени на оние во кои има мониторинг на аерозагадувањето и оние каде нема мерни станици.
Заврши вештачењето на вториот телефон на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, но детали во интерес на истрага нема. Телефоните на специјалната јавна обвинителка и се одземени и дадени на вештачење со цел да се види нејзината комуникација со првоосомничениот во случајот „Рекет“, Бојан Јовановски-Боки 13.
Минстерството за труд и социјални политики отвори нов групен дом во демиркапиското село Корешница каде ќе бидат сместени три деца од Специјалниот Завод во Демир Капија.
Б. Јордановска