Украина денеска, 24 август, одбележува 35 години од прогласувањето на независноста, во услови кога земјата повеќе од четири и пол години се брани од руската целосна воена агресија.
На 24 август 1991 година, во услови на распаѓање на Советскиот Сојуз, Врховната рада го усвои Актот за прогласување независност на Украина. Со овој документ, Украина беше прогласена за независна демократска држава, а нејзината територија за неделива и неповредлива.
Одлуката доби убедлива демократска потврда само неколку месеци подоцна. На референдумот од 1 декември 1991 година гласаа повеќе од 31,8 милиони граѓани, односно 84,18 проценти од избирачите. Од нив, 90,32 проценти гласаа за независна Украина. Поддршката за независноста беше мнозинска во сите 27 тогашни административни единици, вклучително и Крим, Донецк и Луганск област.
Датумот 24 август беше утврден како Ден на независноста и државен празник во 1992 година. Но современата украинска државност се повикува на многу подолга историска традиција. И самиот Акт од 1991 година зборува за продолжување на „илјадагодишната традиција на државотворност“ и за правото на украинскиот народ на самоопределување.
По руската анексија на Крим и почетокот на војната во Донбас во 2014 година, а особено по почетокот на руската целосна инвазија на 24 февруари 2022 година, Денот на независноста доби дополнително значење.
Триесет и пет години по историската одлука од 1991 година, независноста за Украина повторно не е само државен празник, туку прашање на опстанок, суверенитет и право самостојно да ја определува својата иднина. Во поширок европски контекст, украинската борба стана и прашање на безбедноста, меѓународното право и иднината на демократска Европа.
Б. Ј.












