Во периодот јануари-јуни 2021 година, реализирани се 1.132 инспекциски надзори наместо планираните 866 инспекциски надзори, или остварено е 30% повеќе од планираното. Во 2021 година се реализирани 185 надзори повеќе од 2020, односно забележан е раст од 20%, се наведува во полугодишниот извештај на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).
Инспекторатот во извештајот посочува дека утврдил 363 неправилности/законски повреди, за кои се издадени Решенија за нивно отклонување. Тоа претставува зголемување од 203% во однос на истиот период во 2020 година, кога се утврдени само 120 неправилности.
Покренати се 43 прекршочни постапки, од кои 36 санкции се глоба-платен налог, а исто така покренати се 2 (две) кривични постапки. Во шестмесечниот извештај за 2020 година не се воопшто презентирани преземените казнени мерки и затоа не е направена споредба, велат од ДИЖС.
Во 2021 година во споредба со 2020 година зголемен е и бројот на вонредни (220 наспроти 126, или 75%) и контролни надзори (171 наспроти 71, или 138%), и покрај тоа што во овој период тројца од вкупно 19 инспектори не вршеле надзори (еден инспектор е на неплатено отсуство, од април еден инспектор е суспендиран заради сомнеж за поткуп и еден инспектор од 6 месеци, 5 месеци бил на боледување). Во шесте први месеци на 2021 година реализирани се 741, наспроти 749 редовни надзори од истиот период во 2020 година, што е намалување од 8 надзори, или 1%, што се должи на намалениот број активни инспектори на терен.
Од ДИЖС истакнуваат дека ефикасноста на Инспекторатот е видливо зголемена во изминатиот период. „Одлучни сме да им застанеме на патот на оние кои се обидуваат да ја загадат природата. И покрај предизвиците со кој се соочува Инспекторатот – продолжуваме со зголемени напори за поголема казнивост на загадувачите“, стои во соопштението од ДИЖС.