ВЕСТ НА ДЕНОТ: ДКСК отвора предмет за Рашковски
Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница соопшти дека отвора предмет за јавната набавка за инсталација на АТМ системот за управување со воздушниот сообраќај и за улогата во оваа набавка на генералниот секретар на Владата, Драги Рашковски.
Антикорупциска ќе ја испитуваат и дивоградбата кај чинарот во Охрид, која е во сопственост на советникот на ДУИ во Охрид, Нефи Усеини.
Македонија со најниска просечна плата во регионот
Највисоката просечна плата во регионот за мај оваа година е исплатена во Словенија и изнесува 1.113,88 евра, додека најниската во Македонија и изнесува 413,67 евра.
Просечната плата во Хрватска изнесува 886 евра, во Црна Гора за јуни била исплатена плата од 516 евра, Босна и Херцеговина има просечна плата од 472 евра, додека Србија 470 евра.
Квотите за лековите најпрвин ќе се укинат во туристичките места, најави министерот за здравство
Од овој месец се укинуваат квотите за лековите на рецепт во аптеките во регионите на туристичките места Охрид, Струга, Дојран, околината на Гевгелија и регионот на Ресен. Ова денеска го најави министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека тоа ќе важи за секој лек кој ќе биде издаден на рецепт, а сите рецепти во овие места ќе бидат реализирани од Фондот за здравствено осигурување, јавува МИА.
Тој посочи дека ова е прв чекор во насока на укинување на квотите за лековите на рецепт во сите аптеки на територијата на целата држава, што премиерот Зоран Заев го најави минатата недела, а ќе почне да важи од моментот кога согласно динамиката на имплементирање на контролните механизми, Фондот ќе го имплементира како мерка, односно во септември или октомври.
Флеш вести
„Сите политички субјекти да ги поддржат решенијата со кои се заокружуваат реформите, за конечен пораз на „заробената држава“, за борбата против криминалот и корупцијата, за општество во кое никој нема да биде привилегиран и амнестиран“, порача премерот Зоран Заев во обраќањето до јавноста по повод последните случувања поврзани со Специјалното јавно обвинителство и Предлог законот за Јавното обвинителство.
Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, го потпиша указот за прогласување на Законот за ратификација на Договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Србија за воспоставување заеднички контроли на граничниот премин за меѓународен патен сообраќај Табановце (Република Северна Македонија ) – Прешево (Република Србија), се вели во соопштението на кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија.
ЦИВИЛ активности
Зелени перспективи во центарот на Скопје
Тимот на ЦИВИЛ – Центар за слобода, пред преминот „Палета“ во Скопје, го промовираше проектот „Зелена иднина“, кој организацијата го спроведува во соработка со Хајнрих Бел – Сараево. На инфо – штандот граѓанките и граѓаните имаа можност да се информираат за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот преку едукативен и информативен материјал и да ги споделат своите размислувања на темите.
ЦИВИЛ го обновува повикот за поддршка на иницијативата „Крај за расипништвото“ за укинување или драстично намалување на привилегиите на функционерите
ЦИВИЛ денеска го обновува повикот до граѓанките и граѓаните за поддршка на Иницијативата #КрајЗаРасипништвото, која, во нејзината онлајн верзија до сега ја потпишале над 2.500 луѓе. „Можеби не сме први што зборуваат на оваа тема, но ќе бидеме последни!“ – изјави Џабир Дерала, претседател на ЦИВИЛ, повторувајќи го ставот на организацијата изнесен на двата јавни настани на почетокот на летото.
Организацијата на својата Фејсбук страница повика: „Споделете ја оваа Иницијатива со своите пријателки и пријатели, разговарајте и коментирајте. Придонесот на секој поединец е од непроценлива вредност. ЦИВИЛ ви благодари за поддршката!“ Од Организацијата информираат дека следните чекори ќе бидат најавени во текот на месец август, а конкретни чекори ќе се преземат веднаш по завршувањето на годишните одмори на македонските народни избраници.
А. Петровска