Владата еуфорична за НАТО, оптимистичка за преговори со ЕУ
Северна Македонија на вчерашниот самит на НАТО застана рамо до рамо, како рамноправна и речиси полноправна членка, со сите лидери на Алијансата и беше дочекана и поздравена како таква, со ветување од Мадрид за брза ратификација.
Премиерот Зоран Заев последните два дена во Лондон имал прилика да размени мислење неколку пати и со францускиот претседател, Емануел Макрон, кој во октомври го блокираше отпочнувањето на преговорите на Северна Македонија со ЕУ, условувајќи го со длабока реформа на преговарачкиот процес.
Запрашан дали во разговорите со Макрон добил позитивни вести за можно одблокирање на процесот во наредните месеци, Заев порача дека верува во добри вести наскоро, но со „реалистичен“ оптимизам.
-Јас сум уверен дека следува убава одлука, убаво време за нас, не можам да споделам ништо затоа што како најголем оптимист, сега сум реалистичен оптимист. Работите се движат во позитивна насока, наше е да продолжиме да работиме, да продолжиме со реформи и се надевам дека вистинската одлука ќе биде донесена, односно историската грешка што ја направија ќе биде исправена, не сакам со тоа да делам оптимизам никако, треба да бидеме посветени да ја европеизираме Македонија со повеќе вредности и реформи а штом ќе одлучат да ни соопштат, изјави вчера премиерот Заев.
Министерство за правда: Поништувањето на членот 11а нема да влијае на помилувањата
Министерството за правда денеска соопшти дека доколку Уставниот суд го укине или го поништи членот 11а од Законот за помилување, тоа нема да влијае на помилувањата, откако вчера собраниската Законодавно-правна комисија потврди дека тие се невалидни.
– Пред Уставниот суд е член 11а, а автентичното толкување е за членот 11. Ако Уставниот суд го укине или поништи 11а, тоа нема да има влијание на помилувањата, бидејќи вчера Собранието потврди дека тие се невалидни, односно дадени на непостоечки член, и се ништовни од моментот на давање, наведуваат од Министерството за правда во врска со одлуката на Уставниот суд и Извештајот на Законодавно-правната комисија.
Манчевски: Вработувањата немаат никаква врска со најавените избори
Вработувања имало и ќе има и тие се во согласност со годишните програми и потреби на институциите. Немаат никаква врска со изборите. Се работи за редовна активност што се случуваше и кога немаше најавено избори, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.
Вработувањата ќе продолжат и во иднина и ова се случуваше и кога немаше најавено избори, истакна Манчевски, појаснувајќи дека на крајот на секоја година има раскинување на сите договори на определено време, бидејќи тие се планирани со буџетот за таа година, но оти за следната година доколку институциите имаат потреба, ќе бидат распишани нови огласи за вработување на определено време.
Флеш вести
Дескоска во Стразбур: Случајот „Ел Масри“ затворен – сите обврски се исполнети
– Напорите на Владата и на Министерството за правда во спречувањето тортура и несоодветен третман, како и спречување на нивната неказнивост, беа признати од Комитетот со затворање на надзорот врз случајот „Ел Масри“, и спуштање на нивото на надзор во случајот „Хајрулаху“. Во случаите „Ел Масри“ и „Хајрулаху“, Судот во Стразбур утврди, меѓу другите и повреда на членот 3 од Конвенцјијата, соопшти Министерството за правда.
Заев: Ратификацијата во Шпанија се очекува следниот месец, ако се одложи, кај нас е можна условна ратификација, но според процедура
Според информациите кои ги добиле властите на Република Северна Македонија се очекува следниот месец да заврши ратификацијата на Протоколот за влез на земјата во НАТО во шпанскиот Парламент, по што нашето Собрание ратификацијата би ја завршило до крајот на следниот месец или евентуално до 11 февруари, пред да се распушти законодавиот дом. Евентуалното одложување на ратификацијата во Шпанија ја отвора можноста да се направи условна ратификација кај нас.
ЦИВИЛ активности
На 10 декември – Меѓународниот ден на човековите права, во Музејот на Град Скопје, од 17:30 до 23 часот, ќе се одржи финалната вечер на овогодинешното издание на Фестивалот на слободата, со кој ЦИВИЛ воедно прославува и 20 години од постоењето.
Последната фестивалска вечер вклучува богата мултимедијална програма: настап на авангардните Фолтин, ДЈ сетовите на Соња Исмаил, Марга Сол, ДЈ Дино, активистички филм-фест на успешни стории што го менуваат светот, изложба на фотографии и уметнички дела, поетско – сценски перформанси и други изненадувања.
Мисла
Добро утро со Орданоски – „Чадорот“ победи!
За една земја во која, така неодамна, нашите баби и дедовци учеле на сите можни балкански јазици, во зависност од тоа во кој дел од школската година која регионална сила нè земала под своја експанзионистичка администрација, ова е постигнување од епохален карактер. На времето, моравме да ја киднапираме Мис Стон за да го привлечеме вниманието на светот за маката од нашето постоење. Сега пиеме чај од порцеланот на британската кралица, на истата маса со неа. (Иако и денес не е баш јасно каде отидоа сите пари од откупот исплатен за Мис Стон…)
Дневникот го подготви Дијана Тахири во соработка со Дехран Муратов, Маја Ивановска и Сашо Орданоски