Градот Скопје ќе додели парична награда во вредност од 600.000 денари за авторската и актерската екипа на документарниот филм „Медена земја“. Ваква одлука се очекува да донесе Советот на Град Скопје, на денешната седница.
„Оваа награда се доделува за придонесот на ова филмско ремек-дело за афирмација на нашата земја и култура во светот, како и за промоција на вистинските човечки вредности и односот кон животната средина од која зависиме и која треба да ја чуваме. Градот Скопје со овој чекор ја потврдува својата заложба за поддршка и афирмација на културата, со надеж дека ваквиот позитивен однос ќе ги поттикне културните работници да творат и да создаваат незаборавни дела, велат од таму. Три милиони денари екипата на „Медена земја“ ќе добие и од Владата на Северна Македонија, информираше вчера министерката за финансии Нина Ангеловска.
П. К.