ВЕСТ НА ДЕНОТ: Заев со надеж дека ќе се постигне консензус за една изборна единица
Премиерот Зоран Заев денеска изрази надеж дека ќе биде постигнат консензус за промена на Изборниот модел со една изборна единица, повторувајќи дека со тоа губат големите партии, ќе загуби и СДСМ, но ќе се острани можноста за какво било авторитарно однесување во иднина.
Заев одговарајќи на новинарско прашање по промоцијата на „Граматиката на современиот ромски јазик“, нагласи дека добро е во државата вакви важни прашања, како промена на Изборен модел, да се носат со консензус.
Рашковски: Хеликоптерските услуги за итна помош ќе го чини Буџетот нула денари
Проектот за Системот за итна хеликоптерска медицинска помош (САР) и Хеликоптерски услуги за потрага и спасување (ХЕМС) ќе го чини буџетот на државата нула денари, тврди генералниот секретар во Владата Драги Рашковски.
– Смешни се најавите од опозицијата дека тоа ќе ја чини државата 72 милиони евра. Ако го видите буџетскиот циркулар за овој материјал ќе видите дека таму трошоците врз Буџетот се нула, рече Рашковски на денешниот брифинг со новинарите.
Штрајкот на просветните работници ставен во мирување
Штрајкот на просветните работници е ставен во мирување до конечната понуда од Министерството за образаование и наука, изјави денеска претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК), Јаким Неделков.
Премиерот Зоран Заев денека, одговарајќи на прашањето околу тоа дали ќе им бидат зголемени платите на просветните работници, истакна дека таа одлука утре ќе ја соопшти министерот за образование и наука Арбер Адеми.
ФЛЕШ ВЕСТИ
По предлог на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, е избран за шеф на изборниот штаб на владејачката партија за предвремените избори.Ваква одлука донесе Централниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз што се одржа синоќа, а поранешниот министер за земјоделство, кој ја напушти Владата за да се посвети на партијата, бил предлог на претседателот Зоран Заев.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со постојаната координаторка на Обединетите нации во Република Северна Македонија, Росана Дуџак, на која било разговарано за новата Рамка за поддршка на развојот за земјата и поддршката од ОН за процесот на демократизација.
Во Европскиот Парламент вчера попладне се одржа првата средба на неформалната група „Пријателите на Северна Македонија“, на иницијатива на словенечката европратеничка, Ирена Јовева, од редовите на Либералите.
Премиерот Зоран Заев денеска и утре ќе присуствува на состанокот на Светскиот економски форум во Женева на тема „Стратешки дијалог на Западен Балкан“.
Никој не може да избега од казната и од својата одговорност, па вклучително и Никола Груевски, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарско прашање по денешната промоцијата на Граматиката на современ ромски јазик.
Има повеќе причини зошто треба да се дозаврши ревизијата на учебниците, што е отпочната, заради тоа што во нив има не само цели навредливи реченици, ставови или слично, туку има и многу неточни работи кои се дефинирани со апсолутната вистина и тие треба да бидат отстранети, истакна денеска премиерот Зоран Заев.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
Деркоски: Ни треба помош од дополнителен административен капацитет
„Промената на изборниот модел секако дека носи одредени пореметувања во организација и спроведување на изборите и затоа има некои стандарди кои се пропишани од ОБСЕ и ОДИХР дека таквите промени на изборен модел не треба да се прават најмалку година дена пред избори и треба да се води сметка за тоа. Иако ние би можеле сепак да се прилагодиме на новонастаната ситуација, сепак ќе има одредени поместувања во смисла на организација и спроведување на изборите. Одлуката сепак останува на политичките фактори кои го носат практично теретот на организација и спроведување на избори и моделот на изборите“, додава Деркоски.
МИСЛА
Чичко (Рашковски) пушти летки!
„Вкупната математика во овој, за нас, „бесплатен“ летачки бизнис-план сè уште не ми е сосема разбирлива. Но, јасно е дека начинот на кој Владата, со (непотребно?) криење на целосни информации, го комуницира проектот со јавноста, го води кон нова, слатка, предизборна политичко-корупциска афера којашто во јавноста само ќе расте, како што расте тестото кога се пече гибаница“, пишува Сашо Орданоски.
Не е до моделот туку до капацитетот
„Како што се плашат од избори, се плашат уште повеќе од една изборна. А една изборна е простор каде што секој глас на секој граѓанин е ефектен и каде е ефектна и волјата на секој гласач. Е, да, големите ќе загубат по нешто од својата децениска моќ. За малите пак, мали се зашто така не решиле тие туку гласачите. Не заслужуваат протекција. Меѓу нив и солисти, побаеги нереално амбициозни и некорисно присутни во политиката. Партии фамилии кои две, три децении се павтаат наваму натаму по плурализмот. Но нејсе, демократија е, нели“, пишува Зоран Иванов.
Ангела Петровска во соработка со: Дехран Муратов, Зоран Иванов и Сашо Орданоски.