Коста Солев Рацин е роден на 22 декември 1908 година, во Велес, а на денешен ден пред 76 години тој го загуби животот откако бил застрелан во близина на партизанската печатница на планината Лопушник.
Рацин се смета за еден од основоположниците на современата македонска литература, а неговата стихозбирка „Бели мугри“ (Загреб, 1939) претставува едно од најзначајните поетски дела во македонската современа литература. Освен со поезија, Рацин се занимавал и со проза, а напишал и неколку значајни трудови од областа на историјата, филозофијата и литературната критика.
Во чест на Кочо Рацин од 1964 година во Велес се одржува поетската манифестација „Рацинови средби“, која од 1992 стана поетска манифестација на балканско ниво.
Родната куќа на Рацин во Велес во 1956 година е претворена во спомен-музеј.