Преку глава ми е веќе да ми стигаат тагови на фејсбук во кој ме предурпредуваат дека низ парковите во Скопје се фрлаат отрови за кучињата.
Разговарате со вашиот домашен миленик?
Разговарате знам. И јас го правам тоа. Вчера водевме ваков дијалог.
– Што е?
– Есента стигна.
– Гледам. Што е, кажи ми, нешто криеш од мене.
– Ништо.
– Те познавам, кажи ми.
– Вљубен сум во Сара. Не ја гледам веќе. Кога ќе дојдеме дома, те молам пушти ми ја “Јесен стиже дуњо моја”.
– Од Звонко Богдан или од Балашевиќ?
– Од Балашевиќ.
– Имаш омилена фраза?
– Имам. “Све праве су љубави тужне”.
– Не очајувај. Млад си.
– Те молам, ајде да си одиме. Тажен сум.
– Ок, ајде, одиме.
– Сакаш да одиме на протести?
– Не. Можеби ќе ја видам таму со некој друг, а тоа не сакам да се случи. Те молам да одиме дома.
– Ок, ајде одиме домa.
* * *
Пред извесно време напишав ваков статус на фејсбук:
Дали во нормална држава се фрлаат отрови по улица за да се трујат живи суштества?
Што ли згрешивме ние да се родиме со вас под исто небо?
Од кога памтам за себе, во нашиот дом имало домашен миленик. Прво тоа беше уличното куче Коки кое татко ми го зема од кај Владо – Баци, од Кисела вода, кој, патем, го чувавме речиси десет години. Потоа кратко чувавме американски басет кој навечер спиеше во на мајка ми пегличката на паркинг бидејки татко ми по разделувањето со Коки не сакаше ни да чуе за друго куче дома. Откако му помина стресот ја земавме Џина, француска пудлица, која ја донесе сестра ми, која ја чувавме четиринаесет години. Во меѓувреме на Џина кога, таа имаше полни четири години друштво дојде да и прави мачорот Тоше. Слепо маче, црно – бело, кое сестра ми го најде во подрумот на нашиот влез, па решивме да го прибереме дома да живее со нас бидејки навистина беше траорна сликата додека го гледавме како се бори со животот. Неприфатливо за нас беше да се остави среде Јануари толку мало животинче на улица, кое тогаш не верувам дека имаше повеќе од еден месец. Тоше го чувавме десет години.
Кога Џина имаше две години ја спаривме, сега веќе и не се сеќавам како се викаше песот, односно зетот, за кој ја дадовме Џина, но, како денес се сеќавам дека Џина роди осум кучиња, кои ги чувавме до три месечна возраст. Пластично да објаснам: кога ќе дојдеше кај нас дома некој на гости на врата ги пречекуваа девет кучиња. За некого тоа беше „фуј“, за мене беше најубавиот момент од денот. Кој како гледа на живеењето.
Во Софија, додуша кратко време, чував куче, односно Иво ми го остави Стенли додека тој беше во Скопје на три седмици. Стенли беше тигрест боксер кој буквално ми јадеше од рака од што беше питом, дури и спиевме заедно гушнати. Иво ми го остави мене бидејки веруваше во мојот пристап кон кучињата, кој е еднаков на братски. Џина и Тоше колку и да демонстрираа непостојаност еден кон друг во сите десет години заеднички живот под еден кров, двајцата не’ науштија во разлика од десет денови. Прво Тоше, па потоа и Џина. Најверојатно Џина од тага замина по него, бидејки веќе немаше со кого да се расправа по дома. Беше многу тажана тие десет денови.
Со Милена кратко го чувавме Лени, puddle terrier, кој за жал не’ напушти прерано. Боледуваше од леукемија.
Денес, еве веќе четврта година како во нашиот дом друштво ни прави Перо, epagnol breaton – песов од сликава во ова четиво, вљубениот во Сара, кој патем спие на иста перница со мојот помал син, кој е на возраст од година и седум месеци.
Едноствано. Домот во кој живеам незамислив е без домашен миленик во него, ниту некогаш бил, ниту некогаш ќе биде.
Со тешко срце ќе морам да напишам дека од пред извесно време Скопје, мојот роден град, градот во кој пораснавме сите заедно, нашето Скопје, се претвори во град на хоророт.
Од кога се случи оној немил настан, кој секако е за осудување во секоја смисла, оној, кога беше нападнато детенцето од збеснатиот ротвајлер или беа повеќе дечиња сега и не се сеќавам, во населбата Аеродром, пред околу една година. Од тогаш па наваму низ Скопје масовно почнаа да се фрлаат отрови за кучиња, уредно спакувани во храна и фрлани низ парковите каде што истите излегуваат на прошетка. Човек да не знае што е пострашно. Заради еден здивен ротвајлер, кој всушност го подивел начинот на живот кој го живее, луѓево наши почнаа масовно да трујат кучиња низ Скопје, кои, од, ете така, одлучија дека е сосем во ред да си фрлаат отрови низ парковите во главниот град на нашата татковина и да отрујат се живо низ градов.
Згрозувачки. Згрозувачки е мал збор за ваква постапка. Колку е елементарна логиката која вели: каква врска имаме јас и моето куче или било кој друг кој дома негува ваков миленик со немилиот настан во Аеродром. Зошто одеднаш вака се одважија голем дел на скопјани и сите речиси оркестрирано почнаа да фрлаат отрови низ парковите за се’ живо ако може да се отруе. Некои од нив дури и јавно се фалеа на фејсбук за тоа како ќе труеле секој ден повеќе и повеќе. Одвратно. И одвратно е мал збор. Не сакам ни да се сеќавам на тој период кога со страв излегувавме од дома со Перо, врзан за поводник. Никогаш не практикувам да го врзуавам. Сакам да го гледам колку е среќен кога е слободен. Насмеан е тогаш. Еден куп луѓе познавам кои си ги загубија домашните миленици на ваков грозоморен начин. Нивната тага ме гмечеше и мене.
Ваквиот човечки простотилак пред околу еден месец резултираше и со труење на мало детенце кое си игра во еден од парковите каде што се шетаат домашни миленици, во истиот тој Аеродром. Искрено се надевам дека детенцето е добро и дека целата таа траума е минато за семејството. Не сакам ни да помислам како им било родителите кога се соочувале и минувале низ оваа агонија, не сакам ни помислам како им било кога ги минувале минутити, саатите, соочувајки се со малоумната постапка на некој си таму, кој одлучил, од, ете така, да фрли отров во парк, во населено место, само за да труе живо суштество.
И пред да почне некој да го чита погрешно четивово, сакам да подвлечам дека воошто немам намера да правам паралели помеѓу тоа како е да се биде родител и да се растат деца, и како е да се чува домашно милениче. Едното со другото колку и да имаат, толку и немаат заеднички точки. И јас сум излегувал од кожа кога некои домашните миленичиња ги поистоветуваат со деца, апсолутно нема никаква допирна точка едното со другото. Љубовта која им се дава и на едните и на другите е различна, а сепак на некој начин идентична. Тоа што јас дозволувам моето куче да спие со моето дете на иста перница некои ќе го окарактеризираат како глупост, будалаштина, за мене тоа е апслутно исправно, за мене е многу важно моите деца да растат со домашно милениче – куче, маче, сеедно, (понекогаш кажувам доколку ми се отвори можност и волк ќе чувам дома, оние кои ме познаваат лично знаат колку долго го зборувам ова) бидејки од него ќе почуствуваат неверојатна љубов, ќе живеат во огромно, искрено пријателство, ќе имаат најдобар другар покрај кого ќе растат безгрижно, ќе растеме сите заедно и ќе уживаме во взаемната љубов и грижа едни кон други.
И замислете, некој, кој ниту го познава моето куче, ниту знае во каква средина живее, со кого расте, како е третиран, колку е топол и пријатен, колкав прјател е со сите, колку сака да си игра со сите и да биде милуван постојано, тој некој кој нема никакво познавање за тоа какво семејство сме ние со се Перо заедно, одлучува да фрли отров во паркот каде што го шетам Перо, со цел да го отруе, него и останатите и домашни а и маалски миленици, оти, ете така му текнало, да си фрла отров.
Тука ми се наметна прашањето:
Што го осакати овој народ?
Одсекогаш ли бевме вакви монструми?
ГЛАСНО АПЕЛИРАМ: НЕ ФРЛАЈТЕ ОТРОВИ ПО ПАРКОВИТЕ ЗА ДА НИ ГИ ОТРУЕТЕ ДОМАШНИТЕ МИЛЕНИЧИЊА, ТИЕ СЕ ДЕЛ ОД НАШИОТ ЖИВОТ, НИЕ СЕ ГРИЖИМЕ ЗА НИВ ИДЕНТИЧНО КАКО ШТО СЕ ГРИЖИМЕ ЗА САМИТЕ СЕБЕ.
Преземање на содржините НЕ Е ДОЗВОЛЕНО, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста