ВЕСТ НА ДЕНОТ: Вонредната состојба истекува в сабота, од евентуалното продолжување зависи и датумот за изборите
Вонредната состојба, четврта по ред, истекува во сабота на 14 јуни. Дали Владата ќе побара продолжување треба да се знае до петок. Од тоа дали вонредната сотојба ќе биде продолжена или не, како и од развојот на ширењето на коронавирусот, според вицепремиерот Бујар Османи, ќе зависи и датумот за одржување на предвремените парламентарни избори.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ: Богојески: Груевски мене ништо не ми згреши, им згреши на граѓаните на Македонија
„На мене Груевски ништо лично не ми згреши. Им згреши на граѓаните на Македонија“, со овие зборови го отвори интервјуто за ЦИВИЛ Медиа, Петар Богојески од Македонски концепт, кој на јавноста ѝ стана познат како еден од предводниците на Реформаторите на ВМРО-ДПМНЕ.
ФЛЕШ ВЕСТИ:
Владата денеска на седница треба да донесе мерки за брзо и ефикасно спречување на ширењето на коронавирусот, согласно препораките на Комисијата за заразни болести.
*
Во последните 24 часа се направени 987 тестирања, а регистрирани се 87 нови случаи на КОВИД-19, соопшти министерот Венко Филипче. На подрачјето на Град Скопје – 41 новозаразени, најмногу – 24 се од Чаир, по што следат Карпош, Бутел, Гази Баба и Ѓорче Петров.
*
ССМ бара на работниците заболени од коронавирусот, на работниците кои се во изолација или во самоизолација поради изложеност на COVID – 19, да им биде исплатен надомест на плата за боледување, односно надомест за професионално заболување во висина од 100 проценти.
*
Текстилните компании во Штип се враќаат во нормала. Сите работници кои имале негативен тест, од вчера се на работа. Меѓу конфекциите има такви кои ги поделиле работниците во две бригади.
*
Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески изјави дека сите проекти што ги почнала Владата во државата се реализираат и здравствената криза воопшто не влијае врз завршувањето на капиталните инвестиции.
*
Министерот Сугарески денеска изјави дека се уште е рано да се донесе одлука за отворање на аеродормите.
*
„Од 65 дена, цели 55 дена бев на протестите. На протестите беше и Јовче Ременски, а од страна на Владимир Атанасовски ми беше задача да го следам него, да видам дали снима и што прави. Исто така беа следени и Зоран Заев, Оливер Спасовски“, изјави сведокот Александар Василевски – Нинџа, на денешното рочиште за организаторите на 27 април.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ:
ЦИВИЛ со остра осуда на говорот на омразата од Константин Плевнеш
ЦИВИЛ најостро ги осудува нападите, клеветите и заканите кои деновиве Константин Плевнеш, професор во ЕСРА, ги упати до проф. Катерина Колозова и нејзините пријатели. Уште повеќе што ваквото однесување на Плевнеш е нешто што во континуитет поминува неказнето.
Бараме од Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи веднаш да постапат по пријавите на засегнатите личности. Потсетуваме дека неказнивоста на ваквите дела дополнително ги охрабрува сторителите да ги повторуваат своите навистина грозни дела кои од говор на омраза лесно можат да прераснат во дела од омраза!
Апелираме до надлежните да ја сфатат сериозноста на овие постапки и најитно да ги санкционираат оние кои си дозволуваат да малтретираат и јавно да понижуваат кого било.
ВМРО-ДПМНЕ сепак се подготвува за избори
Опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, на чело со Христијан Мицкоски во изминатиот период и по две одржани лидерски средби, постојано тврдат дека не прифаќаат брзи избори, бидејќи здравјето на граѓаните им било пред сè. Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ го отфрли предлогот да се води кампања на социјалните мрежи и истакнал дека нема да водат „Фејсбук кампања оти немаат средства за тоа“, и додал дека сака „лично да се види со земјоделците да ги погледне во очи и да им стисне рака“.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Она што мене ми е најзанимливо од последната долга и подробна прес-конференција на министерот за здравство и претставниците на Комисијата за заразни болести е информацијата дека во Македонија во последните десетина дена се врши масовно тестирање на асимптоматски случаи на потенцијално заразени со корона вирусот. Се обидов да проверам дали таква практика постои во соседните земји. Колку што јас разбирам, тоа не го прави никој не само на Балканот, туку и во најголемиот број земји во Европа“, пишува Сашо Орданоски во Кој му го смести на Филипче?
Ангела Петровска
во соработка со: Дехран Муратов, Биљана Јордановска, Маја Ивановска