пишува: МИЛАН БАНОВ
Додека телевизиите, весниците, социјалните мрежи… се преплавени со темите за телефонскиот разговор меѓу премиерот и руските комичари, потоа за охридските дивоградби, па ќе има или не лидерска средба и сè со некои такви важни нешта, при што се оди и дотаму низ говорот на телото да се оценуваат менталните ситуации на Заев и Мицкоски, во еден медиум, навистина доста неугледно, се појави и информацијата дека кај голем број македонски граѓани депресијата станала нивниот животен сопатник. Се споменуваат и причините: предолгата транзиција, стресот, брзиот начин на живот, сиромаштијата, невработеноста. И сега, иако не знам кога е направена анализата (не пишува), напросто морам целосно да се согласам со наведените причини за депресивноста кај македонските граѓани и нивната апатичност, но верувам дека списокот на причините би можел и да се надополни и актуелизира. Да речеме, токму и поради ваквите случаи.
Може ли да му подариме доверба на големиот шпански мислител Мигуел де Унамуно кога вели дека постојат нации кои имаат трагично чувство на животот и тие се исто што и човекот, во некоја рака спиритуално суштество: со свој карактер, минато, мисли за иднината, своја филозофија, се раѓа и умира постојано раскинат меѓу сознанието за својата смртност и желбата за бесмртност. Веројатно може, меѓутоа, барем според мене, тоа и не е баш најтрагичното, зашто позната е старата вистина дека не е трагична секоја свест за смртноста и секое умирање, ниту пак трагедијата е свртена кон смртта, туку напротив – кон животот за кој се умира.
И веќе сме дома, тука и сега во оваа наша држава, меѓу нашите луѓе, чиј колективен говор на телото ни покажува дека длабоко потонале во себе, зашто се осудени на живот. А во таа недостоинствена позиција, која неминовно раѓа депресија, ги ставило секојдневието, постојаното ништење на вистинските вредности, ги ставила глупоста, разединетоста, омразата, уривањето на она што е свето во него и за него – неговото достоинство. Да, речиси сум сигурен дека разорниот дух на времето, животните премрежиња, силно стимулирани од постапките на моќните и силните, и симулирањето на животот во кој, независно од постојаното менување на маските, низ нив сепак се пробива онаа тажна арлекинска солза, предизвикува безмалку мастодонтска депресија во оваа земја.
Оттука, уште еднаш: не е трагична смртта, барем не толку колку што може да биде катастрофичен животот. Тоа што нашето секојдневие е такво, непосакувано, па повеќе македонски ситуации завршуваат трагично, е резултат на реалноста, а не на самиот принцип на трагичното.
Говорот на телото на македонските граѓани (ајде и јас, како некои мои колеги, да му го „земам лебот“ на психологот Демонд Морис) сè почесто и сè помасовно покажува песимизам, меланхолија и рамнодушност. Велам, се согласувам со констатацијата од погоре споменатото истражување дека сиромаштијата, па и бедата, невработеноста, долготрајната транзиција, брзото темпо на живот, сите лични несреќи и неисполнети надежи и очекувања, раѓаат чувство за бесперспективност, а последично, во човекот ја населуваат и депресијата која се манифестира со еден страотен молк во душата на луѓето.
Меѓутоа, и од таа антологија на собрани молчења може да се прочита незадоволството од општите состојби во државата, независно дали ги предизвикува власта или опозицијата, дали ги толкуваат овие или оние експерти за однесувањето на „нашите“ и „вашите“; состојби кои јасно ја потенцираат поделеноста, нетолеранцијата, закожурченоста во сопствената корупка и во сопствениот интерес, речиси патолошката борба за власт, незаинтересираноста, поточно гледањето со здодевност кон маките, проблемите, потребите и очекувањата на граѓанинот гласач.
Тогаш, не е нелогично што тој, обичниот македонски граѓанин, денес го попримил тажниот и меланхоличен лик на витезот од Ла Манча, изморен од неуспешните обиди да ги победи ветерниците. Но, сепак, треба да се верува во чесниот рицер Дон Кихот, во него е силата од која се плашат моќните и силните. Така, барем јас, неослободен од надежта дека депресијата и апатијата не се константа во животите на луѓето, го читам нивниот иден говор на телото.
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.












