На маргините на бизнис конференцијата на „Економист“, што вчера и денеска се одржува во Атина, македонскиот министер за надворешни работи Никола Димитров имаше средба со својот кипарски колега Никос Христодулидис, на која е договорен датумот за воспоставување дипломатски односи помеѓу Република Северна Македонија и Република Кипар,јавува МИА.
Како што соопшти Министерството за надворешни работи, Димитров и Христодулидис се договориле дипломатските односи меѓу двете земји да бидат воспоставени „на крајот на август, за време на овогодишниот министерски состанок во Финска“.
Електронското издание на грчкиот весник „Катимерини“ објави дека се очекува договорот за воспоставување на дипломатските односи да биде потпишан за време на средбата на министрите за надворешни работи на земјите членките на ЕУ во Финска на 29 август.











