ВЕСТ НА ДЕНОТ
Сасоли: Имаме заедничка судбина, Северна Македонија е подготвена за преговори
Иднината е во нашите и во вашите раце. Да не ја губиме надежта бидејќи Европската унија има потреба да работи заедно со Северна Македонија да се направи се за таа да биде членка и да учествува во изградбата на нова Европа, порача денеска во Скопје претседателот на Европскиот парламент, Давид Сасоли.
Тој при денешната посета на Скопје рече дека Европскиот парламент, Европскиот совет и Европската комисија сметаат дека Северна Македонија е подготвена да ги започне пристапните преговори и изрази надеж дека ќе успеат да ги надминат сомневањата на малкуте држави кои имаат резерва по ова прашање.
Порака од Париз за Скопје: Полноправното членство во ЕУ нема алтернатива
Полноправното членство на Северна Македонија во ЕУ нема алтернатива ни во форма ни во содржина. Оваа е пораката која ја донела во Скопје, Потпретседателката на Сенатот на Франција Елен Конве-Муре, а им ја пренесува на пратениците од поголемите групи во тет-а-тет средби.
Верушевски доби 42.000 евра отштета за „Пуч“
Поранешниот разузнувач и актуелен советник за безбедност во Владата на РСМ, Зоран Верушевски, доби отштета од над 2, 5 милиони денари за „Пуч“. Тој не се појави во судот за да ја слушне пресудата, прет бараше отштета од државата 71.000 евра по судски пат поради 344 дена поминати во притвор.
Како што е познато, тој беше притворен веднаш откако стана јасно дека постојат политички бомби во рацете на Зоран Заев, со обвинувања за неовластено поседување на службениот пиштол, а потоа и за велепредавство и шпиунажа.
Одложена оценката на обвинението за организаторите на „27 април“
Советот за оценка на обвинителн акт кој постапува по обвинението поврзано со случајот „Организација на настаните од 27 април 2017“ по барање на одбраната, денеска ја одложи закажаната седница и на одбраната и дозволи увид во комплетниот доказен материјал.
– Одбраната истакна дека Обвинителството во досегашниот тек на постапката не им дозволил увид во сите списи од предметот па со цел заштита на правата на странките, Судот во согласност со одбраната на 11 – ти ноември дозволи во текот на целиот ден да вршат увид во списите. Со оглед дека ниту обвинителот, ниту одбраната не можат порано да присуствуваат на термини кои им беа понудени од советот, седницата за оценка на обвинителниот акт е закажана за 06.12.2019 година, соопшти Основниот кривичен суд Скопје.
ФЛЕШ ВЕСТИ
– На настан за состојбите за животната средина министерот Насер Нуредини ги избегна новинарските прашања за аерозагадувањето бидејќи биле надвор од темата. Тој само накусо рече дека се подготвувале повеќе стратегии. Од сè уште нејасни причини, и на поставените прашања и на официјалното обраќање на настанот – говореше стриктно на англиски јазик.
– Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска телефонски разговарал со премиерите на Северна Македонија и Албанија, Зоран Заев и Еди Рама за претстојната средба во Охрид, со која се продолжуваат разговорите за воспоставување на т.н. „мал Шенген“.
– Во претседателската палата во Париз викендов се работело на новата методлогија за проширување која ќе им биде понудена на земјите – членки на ЕУ. Ова денеска на средба со претседателот на собраниската Комисија за европски прашања Артан Груби го пренела потпретседателката на францускиот Сенат Елен Конве-Муре.
– Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска изјави дека клучното прашање во однос на бегството на Игор Спасов е одговорот од обвинителот и судијата врз основа на кои проценки е дозволено да му се направи прекин со судска одлука на издржувањето на казна затвор.
Одговарајќи на новинарско прашање како побегнал и каде е Игор Спасов, министерот за внатрешни работи одговарајќи дека ќе биде разгледано во однос на истрагата, каде, како и на кој начин ја напушти Македонија, истакна оти многу поважно е да се види и конечно да се реши проблемот на нефункционалност на системот.
– Под итно треба да се обезбеди обештетување и интеграција на жртвите од трговијата со луѓето и родово насилство, се констатираше во денешната панел – дискусијата по повод одбележувањето на 70-годишнината на Советот на Европа посветена токму на оваа тема.
– Конфедерацијата на синдикални организации на Македонија (КСОМ), „Човекот над профитот“, „No Pasaran“ и „Гласен Текстилец“ , на 09.11.2019 (Сабота) во 13.00 часот организираат протест против извршителите, пред порта Македонија.
МИСЛА
Оваа недела читателите имаа можност да ја започнат со еден колумнистички ураган на веќе добро познатите автори на ЦИВИЛ Медиа.
Сашо Орданоски се враќа со новата сезона насловена „Добро утро со Орданоски“ од утрово, како и секогаш, во 8 часот.
„Изборите, овие повеќе од кои било до сега, ќе ги решат оние околу двеста илјади гласачи кои, за разлика од партиските гласачки машинерии, не знаат што им е да чинат. Тие се, во принцип, разочарани од СДСМ (и многу повеќе од ДУИ), но тешко дека би обуле чевли за да излезат со изборна поддршка на она што ќе го предводи ВМРО-ДПМНЕ како предизборна или постизборна коалиција. Таа рана сè уште ги пече и боли и тешко заздравува, дури и без разлика на оној од Будимпешта секојдневно сол што ѝ дотура“, пишува Орданоски во „Се напивте ли дијазепам утрово?“
По Орданоски следува колкумната на Петрит Сарачини насловена „Инфомакс „тивко“ ја поправи лажната вест“, каде пишува за лажната вест на Инфомакс од пред некој ден на Инфомакс за 4-јазичната табла во Швајцарија.
По кратката пауза од една недела, Џабир Дерала продолжува со неговите „рафали“, денеска под наслов „Татин математичар (епизода 3)“.
„Не е непознато дека Татиниот математичар бил како кутре на средбата на лидерите на која се договорија предвремените избори, делел комплименти „шаком и капом“ за храброста и одговорноста на премиерот, а без збор го проследил излагањето за европските пофалби за реформите во земјата. Не е непознато и тоа дека цивкал и молел брзите предвремени избори, сепак, да не се одржат брзо, туку дури во април (што е супер апсурдно). Непознато е само како му успеало, од мирно и ласкаво кутре, да се претвори во валкан пропагандист веќе во првите шеесет секунди по крајот на лидерската средба. Тоа заслужува сериозни стручни анализи. Веројатно и третман“ – пишува Дерала.
Од денеска, ЦИВИЛ воведува пракса на редовно следење на почитувањето на Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста, што подразбира и следење на преземените содржини од медиумската платформа на организацијата и една новост. Новоста се состои во тоа што цената за неовластено преземање (делумно или целосно) на содржини од медиумската платформа на ЦИВИЛ се движи од 30.000 до 60.000 денари за една (1) содржина. Цената за неовластено преземање (делумно или целосно) на текстови од рубриката МИСЛА (колумни, анализи) е 60.000 денари.
Од денеска, ниеден текст од рубриката МИСЛА не е дозволен за преземање пред 12 часот на денот на објавување, односно пред времето што е означено во фуснотата под текстот.
Дехран Муратов во соработка со Ангела Петровска, Маја Ивановска, Биљана Јордановска, Џабир Дерала