Учесниците на 4. Форум за културна соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа ја усвоија Декларацијата од Скопје и го одобрија Планот за соработка за 2020 и 2021 година.
Во присуство на премиерот Зоран Заев, Декларацијата ја усвоија министрите за култура на Кина, Северна Македонија, Србија, Црна Гора, и Словенија, како и претставници од министерствата за култура или амбасадори од Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Грција, Унгарија, Летонија, Литванија, Полска, Романија и Словачка.
Во овој финален документ од Форумот се нагласува поддршката на активностите на Центарот за координација на културната соработка помеѓу Кина и земјите од ЦИЕ кој минатата година во март беше отворен во Скопје, по одлуката од третиот форум за култура што се одржа во кинескиот град Хангџоу. Тие го поздравуваат и развивањето веб-платформа на Центарот, која ќе биде алатка за размена и промоција на информациите и идеи од културата. Од секое министерство за култура на 18-те земји ќе биде назначен експерт одговорен за ажурирање на веб-платформата за културна соработка.
Во Планот за соработка за наредните две години учесниците на Форумот се обврзуваат да ја унапредат и зацврстат културна соработка, со посебно внимание на теми за промоција на културното наследство, продукција и дистрибуција на филм, културни и креативни индустрии, современа уметност.
Предвидена е идеја да се здружат најпознатите музичари од сите земји членки на 17+1 во еден оркестар кој ќе ги изведува најпознатите симфониски дела на меѓународни фестивали во секоја од земјите. Планирано е да се формира координативно тело за размена на уметници и изведувачи и музички програми.
Меѓу активностите што се планирани за во нашата земја, Планот предвидува во септември 2020 Скопје да биде домаќин на вториот Форум на Унијата на библиотеки помеѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Организатор ќе биде Градската библиотека „Браќа Миладиновци“. Во септември идната година, исто така, Кина и земјите од ЦИЕ ќе учествуваат во работилница на Агенцијата за филм што ќе се одржи на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола.
Во април-мај 2021 година, пак, во регионот Пелагонија се планира третиот Форум за културно наследство на тема за средниот век и поствизантискиот период. Центарот за координација на културната соработка помеѓу Кина и земјите од ЦИЕ ќе биде главен организатор на овој форум во чии рамки ќе се одржат и работилница за фрескописи и заштита на фрески.
Земјите во Процесот 17+1, според двегодишниот план, ќе ја зацврстат соработката и во областа на културните и креативните индустрии, за што во јули 2020 ќе биде организирана работилница во Охрид. Посебен акцент ќе се стави на традиционалната изработка на накит, филигранска уметност и охридскиот бисер.
Во завршните одредби на Скопската декларација се посочува дека имплементацијата на оваа програма за соработка да зависи од финансиските ресурси достапни на земјите учесници.