„Ова ми е наследство. Од татко ми, дедо ми“, „Што ако ми земат повеќе?“, „Кој ми гарантира дека нема да бидам оштетен?“, „Ќе биде ли правилна размената?“, се само некои од „стравовите“ на земјоделците кога ќе се спомене процесот на консолидација.
Земјата е основен ресурс за земјоделско производство. Колку е погрупирана и поконцентрирана површината, толку е полесно и поисплатливо производството. Окрупнувањето на земјоделското земјиште е нужен процес. Ако сакаме да имаме конкурентно земјоделство, нивите мора да се окрупнат.
Засега, структурата на нивите е исклучително неповолна. Повеќето се мали, семејни, со просечна големина од 1,62 хектара и на нив отпаѓаат 80 проценти од вкупното земјоделско земјиште. Шеесет проценти се помали од еден хектар, а дури 90 отсто се помали од три хектари. Само за споредба, во развиените земји земјоделските парцели се движат меѓу 20, 50 и 100 хектари.
Друг сериозен проблем е тоа што обработливите површини кај нас се расцепкани на пет или повеќе парцели со големина од 0,25 до 0,6 хектари, а и меѓусебно се оддалечени од 500 метри до два километра. Во многу случаи дури се наоѓаат и во различни катастарски општини. Најчесто се и со неправилна форма, што ја комплицира обработката и ја ограничува употребата на современа механизација. Земјоделските активности дополнително ги отежнува несоодветната инфраструктура (патишта што минуваат низ нивите, застарени системи за наводнување) и го прави производството поскапо.
– Консолидацијата подразбира групирање и окрупнување на земјоделското земјиште за да се добијат поголеми парцели со правилна форма погодна за производство, но и со подобар пристап до расположливата инфраструктура. Тоа е, всушност, еден од најефикасните инструменти за подобрување на структурата на земјиштето и решавање на прекумерната расцепканост. Процесот е многу комплексен и понекогаш трае стотици години. Но, клучно е земјоделците да знаат дека при неговото спроведување никој не е оштетен. Напротив, и ако евентуално некој земјоделец добие физички нешто помала површина од онаа што се согласил да ја размени со друг, тогаш со сигурност станува збор за повисок квалитет на почва, што значи и повисок принос, велат експертите.
Конче – првиот успешен проект за окрупнување на земјоделското земјиште во државата
Според Кирил Георгиевски, раководител на Секторот за консолидација во Министерството за земјоделство, земјоделците се заинтересирани за консолидација, но на почеток немаат доверба дека тоа навистина може да се случи. Очекуваат некаков сигнал дека прво некаде на друго место, не кај нив, навистина ќе се реализира, како што беше сега во Конче, за потоа да подразмислат и евентуално да се согласат.
Најтешкиот дел од целиот процес е креирањето консолидациски план, базиран на желбите на сите сопственици на парцелите што се предмет на окрупнување. Притоа, минимум 70 отсто од нив треба да го прифатат.
– Нема правило колкава површина треба да биде консолидирана. Таква проценка немаме направено зашто се работи за скапи процеси што многу долго траат, и по стотици години. Но, веројатно илјадници хектари годишно треба да подлежат на окрупнување. Просечната големина на парцелите во развиените земји е од 20 до 50 хекари, а кај нас 1,7 хектари. Пожелно е барем да успееме да ги сведеме на пет до 10 хектари за еден фармер. Тоа би било одлично. Со земјоделците треба многу да се работи, долго да им се објаснува за да сфатат каква добивка ќе имаат од консолидацијата, нагласува Георгиевски.
Најважно е, потенцира, да се разбере дека земјоделските површини треба да се на едно исто место и поголеми, а не ситни, за производните трошоци да бидат помали.
Постапката почнува со проценител, кој го утврдува квалитетот (вредноста) на земјиштето, а продолжува со геодет, кој врши премер и планирање на распределбата на парцелите, односно планирање на новата окрупнета местоположба на парцелите.
– Оставив четири декари и шест ари мое приватно земјиште, овоштарник, а добив три декари и две ари државно. Моето земјиште беше во планинско место, подалеку, а државното е тука, на неполн километар, вели Ванчо Стојанов, земјоделец од Конче, кој беше дел од конслидацијата во оваа Општина.
Добил помалку, објаснува, зашто неговото земјиште досега не се обработувало.
– Државното земјиште што го добив ќе го посадам со овошки. Допрва ќе одлучам со кои, изјави Стојанов по доделувањето на решението за парцелата.
Консолидацијата треба да биде волја на земјоделците, да тргнат по патот на европскиот аграр и да имаат успешно, конкурентно производство, смета Благој Илиев, градоначалник на Конче, Општината во која првпат кај нас официјално се спроведе консолидација на земјиштето.
Во Конче се окрупнија 201 парцела или 28 хектари, а со процесот беа опфатени 26 учесници – земјоделци и државата. Проектот почна во 2014 година, со поддршка од ФАО, а потоа продолжи со помош од ЕУ.
До крајот на годинава или почетокот на идната се очекува да биде завршена уште една консолидација, во битолското село Егри, на многу поголема површина од 336 хектари, каде што учествуваат вкупно 214 сопственици. По консолидацијата во Егри, бројот на уситнети катастарски парцели ќе се намали за приближно четири пати. Таму, освен со окрупнување на земјиштето, ќе се интервенира и со подобрување на инфраструктурата. Ќе се градат нова каналска и патна мрежа.
– Консолидацијата е прв чекор за создавање конкурентни фарми и активни земјоделски претприемачи, подготвени да се натпреваруваат на европскиот пазар, подвлекуваат експертите.
Активните политики за консолидација на земјиштето кај нас почнаа со донесувањето на Националната стратегија 2012 – 2020 година. До 2015 година се создадоа правните и институционалните основи за спроведување на политиките. Во 2013 година се донесе Законот за консолидација на земјоделското земјиште и се формира посебен Сектор за консолидација во Министерството за земјоделство. Првите проекти за консолидација согласно новиот Закон почнаа во 2014 година во селата Егри, Битолско и Конче, Радовишко, со поддршка од ФАО.
Моментно е во тек втората фаза од Националната стратегија во која е предвидено почнување поголем број посложени проекти за окрупнување на земјиштето на поголеми подрачја во државата, со посериозни инфраструктурни инвестиции, со финансиска поддршка од ЕУ.
Покрај почнатите постапки за консолидација во Конче и Егри, поддршката од Националната програма за консолидација се остварува преку имплементација на дополнителни осум проекти на разни локации во земјата. Истовремено, МЗШВ од сопствени средства ќе спроведува уште четири нови проекти за консолидација.
извор: МИА