од корнер: ЗОРАН ИВАНОВ
Првиот сигнал од поновото дипломатско време ни го пренесе поранешниот македонски претседател Георге Иванов. Во општата гужва на некаков голем меѓународен собир во САД, тој овде ни ја пренесе содржината од неговото видување со најмоќниот светски политичар.
Дома запрашан за средбата, за содржината на разговорот со Барак Обама, рече дека си климнале со главите. И дека си мигнале, си трепнале со клепките на очите. Значи, ниту се ракувале, ниту си размениле барем по збор, два. Само си мигнале. Си пуштиле сигнали.
Таа содржајна претседателска средба со денови беше тема. Некои ги толкуваа трепкачките сигнали, други се подбиваа со мигачките. И пред оваа размена на климки меѓу Иванов и Обама и после нивните мигања и трепкања, мноштво разни климкања, трепкања и мигања се дел од неслужбената ама и од службената комуникација на македонските државници и дипломати при нивните билатерални и мултилатерални матинеа по разни светски дестинации. Сигнали како компензации за разговори. Со климања, трепкања, мигања. Со разни телесни и емотивни сигнали без зборови. Со толкувања онака произволни што тоа, какви тоа пораки, какви зборови, какви мисли, пантомимично си размениле „соговорниците“.
Сигналите содржани во мимиките не се зборови. Уште помалку се изговорени мисловни целини. Тоа се пораки подложни единствено на субјективни толкувања на актерите. На нивни лични доживувања на мигот и на контекстот во кој се случуваат. Еве и сега за ЕУ куп пантомимични и сигнали. Најсвежите се од лепезата на темата за нашите преговори со Европската Унија. Во отсуство на дијалошки содржини, нашите високи државни функционери, ни толкуваат сигнали. Дали, кога и од каде земјава конечно ќе добие датум за преговори. Ќе биде тоа во март од Брисел, во април од некаде од некоја министерска сесија или пак од Загреб, од седиштето на актуелниот претседавачот со Унијата.
Така некако, пред ден, два и заменик министерот Андреј Жерновски, наменски опкружен со кровните антени на терасата на македонското министерството за надворешни работи, ги фаќаше сигнали за македонската извесност за почеток на преговорите со Унијата на пролет.
Сигнал од Холандија, па сигнал од Данска, сигнал дека омекнува ригидниот став на Франција, натаму нов сигнал за новата благонаклоност на Холандија, па пак сигнал од Данска дека таа не ќе ни правела проблеми, па еден скептичен сигнал од Холандија за Албанија, па пак сигнал дека Данска ќе ја следела Франција, па сигнал дури и од Германија за поддршка на македонско албанскиот евро пакет, па повторно уште по некој нов сигнал од Франција и се така натаму. Сигнал до сигнал што од Европа допираат до антените на нашата дипломатија.
Европа ни испраќа сигнали. Нашите уште дремат меѓу кориците на тетратката со домашни задачи што ни ја остави германскиот експерт Рајнхард Прибе.
Тие таму си дремат. А ние? Ние си цупкаме во место и си фаќаме сигнали.
Сите права се задржани.