Министерот за внатрешни работи, Наќе Чулев на својот Фејсбук профил истакна дека немал лоша намера со изјавата што ја дал вчера на ТВ Сител дека најмногу не се почитува полицискиот час во Шуто Оризари и Струмица.
„Јас сум човек кој има голем број пријатели во Шуто Оризари, а дополнително фактот дека една од првите работни средби беше во оваа општина говори за тоа дека исклучително ги почитувам граѓаните на оваа скопска општина.
Моја задача како Министер за внатрешни работи е првенствено да обезбедам подеднакво спроведување на законот на целата територија на државата, потоа целосно почитување и спроведување на мерките и одлуките на владата и сето тоа во насока на заштита на животот и здравјето на граѓаните на целата држава, вклучувајќи ги и граѓаните на Шуто Оризари.
Статистичките податоци со кои располагаме во моментов покажуваат дека заклучно до денес за граѓаните на Шуто Оризари поднесени се вкупно 4 кривични пријави за непочитување на мерката за ограничување на движењето, предупредени се 2 лица, а уште 4 кривични пријави се во фаза за поднесување со ОЈО. Усно предупредени се вкупно 60 лица кои се жители на оваа скопска општина“, пишува Чулев на својата Фејсбук страна.
Пред реакцијата на министерот Чулев, ЦИВИЛ Медиа објави текст со кој посочи дека техничкиот министер за внатрешни работи со изјавата дека граѓаните на Шуто Оризари и Струмица најмалку го почитуваат полицискиот час, не направи ништо добро, освен тоа што предизвика да се зголеми говорот на омраза на социјалните мрежи кон ромската заедница, како на пример коментарите: „Циганска работа, сите ќе нè заразат“, „Таму треба само како во Индија да се постапува, со стап“, итн… Нека му каже некој на Чулев дека со вакви изјави само го зголемува револтот кај граѓаните, и дека во овој момент треба да внимава што ќе каже во јавните настапи. Има време за политичка кампања, сега политиката нека ја остави во мирување…
Д. М.