„Фотографиите и прилозите од вчерашното празнување во верските храмови и пред нив се повторно загрижувачки. И покрај апелите на здравствените институции да нема масовни собирања, да се почитуваат мерките за држење дистанца и ограничувањето на движењето, тоа не се случи“, напиша министерот за здравство Венко Филипче на својот фејсбук профил, како реакција на вчерашните празнувања на Фитр Бајрам и св. Кирил и Методиј.
https://www.facebook.com/filipce.venko/posts/2396343424006010
Тој истакна дека ги почитува празнувањата на настани кои се значајни за сите нас, независно на која вера припаѓаме, додавајќи дека оваа година празниците во целиот свет се празнуваат на еден поинаков начин, ставајќи го сопственото здравје и на нашите сограѓани пред сè и над сè. Тој им се заблагодари на граѓаните кои се придржуваат кон мерките, а кои за жал, понатаму можат да бидат изложени на ризик поради оние коишто тоа не го прават.
„Коронавирусот ниту е мртов ниту е заминат. Тој е тука и за жал, проблемот ќе се провлекува се додека има такви кои го ингнорираат. Многу пати повторив, но еве уште еднаш ќе кажам. Здравствените работници не можат сами. Мерките се добри и навремени, но тие функционираат само ако се почитуваат, во спротивно немаат ефект. Почитувањето на мерките и ефектите од нив зависат само од нас како граѓани. Едноставно мора да се прифати новиот начин на живот, мора нашето секојдневие да го прилагодиме почитувајќи ги препораките“, напиша Филипче.












