Најмногу активни случаи на КОВИД-19 во земјава има во Скопје, потоа Тетово, Штип, Куманово и Велес, додека пак највисок морталитет се регистрира во Струга, Куманово, Велес, Прилеп и Дебар.
Според податоците од Институтот за јавно здравје вчера биле направени 727 тестови за КОВИД-19, 312 се од скрининг во градинките и домовите за стари лица (Скопје и Прилеп), од кои 89 се позитивни и со тоа во земјава има 606 активни случаи на вирусот.
Досега во земјата се направени вкупно 30302 тестирања на КОВИД-19, од кои 2315 се регистрирани како позитивни случаи, од кои1569 се оздравени и 140 се починати.
Во Скопје најголем број на активни случаи има во општините Чаир – 73, потоа Сарај – 44, Бутел – 37, Аеродром – 33 и Гази Баба – 31.
Од скринингот во во градинките и домовите за стари лица (Скопје и Прилеп), регистрирани се 3 позитивни случаи во домови за стари лица, еден вработен здравствен работник и два штитеници.
Според податоците на Институтот за јавно здравје, вчера биле регистирани 8 хоспитализирани пациенти, а кај 25 лица е регистрирано присуство на коморбидитети. Од вкупниот број на нови случаи, 58 имале контакт со потврден случај. Регистрирано е едно лице со странско државјанство и историја на патување (во последни 14 дена), а пак 17 лица беа заведени како оздравени, кои биле хоспитализирани или на домашно лекување.
Вчера беа пријавени и 7 смртни случаи, од Скопје, Куманово, Тетово и Струга (Табела 1). Случаите се на возраст од 44-83 години, сите со присутни симптоми.
Министерот за здравство Венко Филипче на вчерашната прес-конференција изјави дека разговарале за евентуално воведување дополнитени рестриктивни мерки, но заедничкиот став бил дека ќе се почекаат податоците од следните два до три дена за потоа да се донесе одлука. Филипче додаде дека МВР треба поинтезивно да работи на контрола на теренот за имплементација на мерките кои се на сила.
За дополнителни рестриктивни мерки се сметаат ограничување на движењето во смисла на карантин за одредени делови каде има поголем број дијагностицирани пациенти и воведува полициски час и тоа локализирано.
Според Филипче еден од главните проблеми со кои се соочуваат е слабата соработка со дел од граѓаните, одбивањето да се тестираат, да се пријават во болница дури и кога имаат симптоми и тоа, како што рече, многу често го прават нивните соседи.
Министерот денеска уште еднаш потсети да се почитуваат мерките, за побрзо да се надмине епидемијата.
„Да ги почитуваме мерките за побрзо да ја надминеме епидемијата со КОВИД-19. Да одржуваме 2 метри растојание, да носиме заштитна опрема и често да ги миеме и дезинфицираме рацете“, напиша министерот на својот Фејсбук профил.
А. П.