Министерот за здравство Венко Филипче реагираше за односот на некои медиуми кои објавуваат неофицијални, и како што истакна тој, речиси секогаш неточни информации за бројот на новозаболени од корона вирусот.
„Од самиот почеток на оваа криза лично јас и целиот мој тим за односи со медиуми сме ваш партнер. Веќе 100 дена навремено, прецизно и транспарентно ја известуваме јавноста. Ги соопштуваме сите детали за новозаболените од Ковид-19, се со цел медиумите да имаат точна информација. Уште еднаш ги замолувам медиумите да престанат да изнесуваат шпекулативни и непроверени информации околу бројот на заболени лица од Ковид-19. Ги молам да ја зачуваат својата улога и задача која ја имаат кон јавноста за навремено, точно и проверено известување“, истакна Филипче.
Според министерот, во ситуација кога секојдневно има заболени и се известува и за најмала промена, неприфатливо е да шпекулираат со податоци оние кои треба да обезбедат прецизна информација за јавноста.
„Со тоа се внесуваа конфузија кај населението и недоверба во институциите а искрено верувам дека ова не е целта. Објавувањето број на новозаразени со Ковид-19 од страна на медиумите не смее да биде трка на ексклузивитет, зошто станува збор за чувствителни информации за здравјето и животот на граѓаните. Објавувањето на вакви непроверени информации е уште повеќе несфатливо затоа што Министерството за здравство редовно ги објавува сите информации, а доколку има промени и по неколку пати на ден. Сите прашања на новинарите се одговараат постојано и на дневно ниво. Искрено се надевам дека оваа пракса ќе престане а ние ќе продолжиме со навременото и точно информирање“, вели министерот Филипче.












