Министерот за здравство Венко Филипче потсети уште еднаш граѓаните да бидат многу внимателни и да почитуваат мерките за заштита од КОВИД-19.
„При секое излегување надвор строго да се придржуваме до мерките за лична заштита.
Да ги почитуваме мерките кои штитат од коронавирусот“, објави министерот на Фејсбук.
На вчерашната прес-конференција Филипче истакна дека непочитувањето на мерките на заштита го донесе овој втор бран и дека сите треба да извлечеме поука од тоа.
„Успеавме добро да го амортизираме првиот бран и многу побезболно, па и од многу други земји да ја ставиме епидемијата под контрола. Вирусот е тука, тој останува и мора да научиме да живееме со него. Мора да ги почитуваме мерките. Дисциплината на граѓаните, личната, колективната одговорност побрзо ќе не врати кон нормализирање на нашиот живот“, изјави Филипче.
Претседателот на Комисијата за заразни болести, Жарко Караџовски, истакна дека само со доследно почитување на овие мерки ќе можеме да се справиме со ширењето на вирусот.
„Само со доследно почитување на овие мерки можеме да испливаме од оваа вода. Ве молам да не дозволуваме самите себе да си пресудуваме во моменти кога цела Европа и цел свет ги намалува сите мерки, а ние да воведуваме нови рестрикции. Само тие што не биле на Инфективна клиника не знаат каква е таа мачна атмосфера. Не е сеедно да гледате како умираат луѓе. Воопшто не е сеедно да донесувате мерки коишто се рестриктивни. Меѓутоа ве молам да сфатиме дека мерката за носење на заштитна опрема, дистанца од 2 метри е основата на цел свет. Никаде ништо се нема променето во овие мерки. Дајте да се здружиме сите заеднички и партии и политика и било кои работи да ги тргнеме на страна“, истакна Караџовски.
А. П.












