Здравствените власти во земјава вчера повторно регистрираа високи бројки на заболени од КОВИД 19.
Вкупно беа евидентирани 193 нови случаи и девет починати. Капацитетите во болниците се полнат, а медицинскиот персонал е преморен. Активирана е и монтажната болница каде веќе се сместени тројца пациенти, а во лекувањето на болните се вклучуваат и трите најголеми приватни клиники – „Систина“, „Ремедика“ и „Жан Митрев“.
Очекувањата се дека во следните седум дена бројот на хоспитализирани пациенти ќе биде поголем во однос на бројот на испишани по што се очекува намалување на бројот на примени пациенти.
Министерот за здравство Венко Филипче вчера порача дека државата се наоѓа во најголемата здравствена криза досега и дека целиот менаџмент на клиниките и одделенијата е максимално мобилизиран, но оти верува дека успешно ќе се одговори на предизвикот.
„Никогаш не сме се соочиле со ваква здравствена криза. Не е воопшто лесно, но имаме и знаење и капацитет и начин на организација и план што веќе се спроведува за оваа криза да ја надминеме. Досега одлично се менаџираше кризата, го подготвивме системот за ова сценарио и сега го спроведуваме. Барам силна поддршка од граѓаните, од сите чинители во општеството за здравствените работници. Барам разбирање и трпение кај граѓаните, на кои заради оваа криза им се откажани претходно закажаните прегледи и интервенции и верувам дека ќе се вратиме во нормала брзо и тие повторно ќе имаат пристап кон здравствените услуги, но во овој момент сите сили ги насочуваме за да излеземе од оваа криза“, рече Филипче на вчерашната прес-конференција.
Најави поддршка за здравствените работници кои, како што рече, се изморени и на крај на силите. Повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат препораките и на тој начин да им помогнат на здравствените работници кои деноноќно работат за да спасат сечиј живот.
„Ова не е големо барање, ќе помогне да има помалку дијагностицирани и некој пациент повеќе да си оди дома од болничките установи. Ве молам да се почитуваат овие мерки, за да може здравствените работници да здивнат, да се ослободат од притисокот, заради тоа што тоа е единствениот начин да ставиме крај на оваа криза“, нагласи Филипче.
Порача дека здравствениот систем е подготвен иако вториот бран на вирусот дошол порано од очекуваното. Смета дека преземените мерки се носени навреме согласно сите препораки и критериуми на Светската здравствена организација.
„Нема мерка што не е преземена, меѓутоа овој бран што потекнуваше од настани што точно ги идентификувавме од страна на епидемиолошките прашалници, беше нешто на што добро изреагиравме во овој момент“, рече Филипче.
Во лекувањето на болните од КОВИД 19 се вклучуваат и приватните болници „Жан Митрев“, „Систина“ и „Ремедика“. Во трите болници има протоколи за изолација во кои може да се третираат пациенти за таа услуга за која биле иницијално примени, со цел да се ослободи капацитетот односно притисокот од болницата „8 Септември“, каде што обично се префрлаа овие пациенти.
Со приватните болници е разговарано и за кадарот што по потреба треба да биде на располагање на јавно здравствените установи, пред се специјалистите по анестезиологија или по интерна медицина.
„Засега нема потреба, сосема доволен е овој број што се пријавени на список и според принцип на приоритет ќе бидат распоредени во јавно здравствените установи. Доколку се наметне потреба да се преполнат нашите капацитети во јавно здравствените установи, да се користат и болничките кревети во приватните за третман на пациенти на кои е потребна здравствена услуга заради Ковид 19 вирусот“, рече Филипче.












