Од утре целосно се отвораат сите гранични премини во државата со што македонските државјани и странците ќе можат непречено да се движат без обврска за ПСР тест и државен карантин.
Одлуката ја донесе Владата во вторникот врз основа на препораките на Комисијата за заразни болести, Владата на истата седница донесе одлука од 1 јули да бидат отворени за сообраќај и Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Премиерот Оливер Спасовски вчера потврди дека оворањето на границите не е никаква политичка одлука донесена во корелација со изборите, туку се темели исклучиво на епидемиолошките анализи и мислењето од Комисијата за заразни болести. На прес-конференцијата во Владата, порача дека мора да се научиме да живееме со вирусот, а тоа значи да се почитуваат препораките за носење на лична заштитна опрема, држење на дистанца и честа дезинфекција.
„Отворањето на границите го најавуваме веќе подолго време зависно од анализите што ги прави Комисијата за заразни болести, а тие пред се, се темелат на тоа каква епидемиолошка слика имаме кај нас, во регионот и во поширокото опкружување. Европската унија ги отвори границите за државите членки на ЕУ, а од 1 јули се најавува и кон трети земји каде ќе бидат и државите од целиот наш регион така што ние мора да се научиме дека треба да живееме со вирусот“, рече Спасовски, одговорајќи на новинарско прашање.
Министерот за здравство Венко Филипче изјави дека отворањето на границите не е некој значаен ризик за зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи затоа што локалната трансмисија е најголемиот ризик,. Според него, отворањето на границите со воспоставената контрола на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата, нема ризик за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти.












