ВЕСТ НА ДЕНОТ: Мицкоски повикува на протест в среда, од СДСМ му возвраќаат дека е очаен губитник
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски соопшти дека почнуваaт со протестите што ќе се одржуваат во следниот период, а првиот протест го најави за во среда од 18 часот, а повод е поскапувањето на струјата. Протестниот марш ќе го одржат од Министерството за правда до Регулаторната комисија за енергетика, а Мицкоски на учество ги повика не само членовите на неговата партија, туку и другите партии од опозицискиот фронт.
„Финалниот удар врз џебот на народот беше кога скришум, на шверцерски начин во текот на периодот на одморите ја покачија цената на струјата. И тоа ја качија цената на струјата создавајќи екстра профит за универзалниот снабдувач на електрична енергија“, изјави Мицкоски.
Од владејачкиот СДСМ реагираат на пресот на Мицкоски, нарекувајќи го очаен губитник.
„Христијан Мицкоски продолжува со деструктивното, незрело и неодговорно однесување на штета на граѓаните, државата и европската иднина. Протестите што денеска ги најави, се последните обиди на Мицкоски за спас на неговата фотелја во Белиот дворец. Очаен и фрустриран од третиот последователен пораз од граѓаните, тој повторно ќе ги малтретира своите сопартијци по улиците како што тоа го правеше и претходно после секој пораз“, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Според неа, Мицкоски денес за струјата глуми загриженост, а истата за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ поскапила за 100 отсто и била укината евтината тарифа. Од СДСМ велат дека Мицкоски упорно не се откажува од определбата земјата да оди назад.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
пишува: Пeтрит Сарачини
МРЕЖИ ЗА ОРКЕСТРИРАНО ШИРЕЊЕ ПАРТИСКА ПРОПАГАНДА, ДЕЗИНФОРМАЦИИ И ОМРАЗА
Најчесто, објавите се споделуваа на организиран начин на страници на ФБ, со навидум имиња на организации или иницијативи, а кои потоа оркестрирано се шират од профили, честопати безимени, блиски до одредена политичка структура. Тие беа најчестите извори на спорни содржини, кои потоа добиваа засилена гласност преку организираните партиски структури на споделувачи и проширувачи на партиските пораки, кои се ангажирани и во негативната кампања, но и во промоција на сите пораки и инструкции за јавна комуникација кои доаѓаат од партиските центри.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев се сретна со Анке Холштајн, амбасадорка на Сојузна Република Германија во нашата држава. На средбата неше истакната дека новата евроатлански определена Влада веќе покажува ефикасност и посветеност кон државните и граѓанските приоритети.
Владата утре од 10 часот на отворено ќе ја организира централната прослава по повод 29 години од прогласувањето на независноста и самостојноста на државата, на која ќе се обрати премиерот Зоран Заев.
Основното јавно обвинителство ќе вложи жалба до Апелациониот суд Скопје, по приемот на пресудата по предметот за сообраќајната несреќа со смртни последици кај Млечен ресторан за која е изречена условна казна.
Спроведувањето на Законот за Јавното обвинителство и Законот за Советот на јавните обвинители беше главната тема на денешната средба на министерот за правда Бојан Маричиќ со републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, како и поддршката за кадровско зајакнување на ЈО за поефикасна борба против корупцијата.
Судиите или обвинителите што нема да постапуваат по предмети намерно со цел тој предмет да застари ќе бидат разрешени по автоматизам, велат од владејачката партија СДСМ. Тие најавуваат дека ќе има прочистување во правосудството со цел неселективна примена на законот.
СЛОБОДНА МИСЛА
„Најавите за жестока „борба на улица“ од првиот ден на активирање на новата Влада одат против демократската традиција од грејс период од 100 дена, кои се вообичаени во современите политички системи. Што значат тие 100 дена и зошто се важни“, пишува Љубомир Костовски во колумната „Грејс периодот за новата влада е прашање на демократска култура, а не на нечиј избор“.
Д. Муратов