Доколку Пендаровски го одбил членство во Европската економска зона, тогаш тој постапил неодговорно, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение, на изјавата на претседателот на државата Стево Пендаровски дадена на вчерашната конференција за Западен Балкан организирана од „Пријателите на Европа“.
„Некои од нас во регионот, можам да зборувам само за Северна Македонија, добивме понуда од многу високи функционери да станеме членка на Европската економска заедница. Јас веднаш ја одбив оваа понуда затоа што овој тип размислување е катастрофален на долг рок“, изјави вчера Пендаровски.
Од опозициската партија велат дека членувањето во Европската економска зона ја олеснува трговијата и протокот на луѓе и стока, а одбвањето го сметаат за антидржавен чин. Од ВМРО-ДПМНЕ објаснуваат дека Европската економска зона е посебна зона составена од држави кои се дел од заедничкиот пазар на ЕУ, во која членуваат: Норвешка, Лихтенштајн и Исланд, а пред да влезе во ЕУ таму била и Хрватска.
Меѓутоа, на десетти ноември 2019 година, кога на земјата и се понуди членство во Европската економска зона, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дал децидна изјава која е сосема спротивна со тоа што денеска обвинува неговата партија. Според одговорот на новинарско прашање, станува јасно децидниот став на Мицкоски.
„За Македонија не постои друга алтернатива освен полноправно членство во Европската Унија”, изјавил Мицкоски.
Тој во тогашната изјава претендира дека не е известен што потпишува Зоран Заев, но, признава дека добил одговор од претседателот Пендаровски. Коментирајќи го членството во Европската економска зона, Мицкоски истакнал дека такви иницијативи за економска соработка можат да се реализират само преку билатерални договори, а Европската интеграција нема алтернатива.
„Секоја можност која Македонија може да ја искористи, а да се подобри квалитетот на животот на граѓаните треба да се икористи, но тоа се решава со билатерални договори”, изјавил Мицкоски на партискиот прес на 10 ноември 2019 година.
Од кабинетот на претседателот Пендаровски, појаснуваат дека во октомври 2019 година кога отворањето преговори со ЕУ за нашата земја беше одложено заради усвојување на новата методологија, во Брисел, неофицијално циркулираше идејата за алтернативно членство за државите од Западниот Балкан во Европската економска зона, се разбира, откако ќе ги исполнат потребните услови за тоа, ставот на претседателот Пендаровски и тогаш и сега беше дека никаква алтернатива на членство не треба да се прифаќа затоа што полноправното членство во ЕУ подразбира да сте дел и од заедничкиот европски пазар.
„Меѓутоа, со цел да се оформи заеднички државен став во однос на изнесените идеи во Брисел, председателот Пендаровски, на 20 октомври 2019 година свика средба на претседателите на политичките партии од власта и од опозицијата кои имаат пратеници во Парламентот.
На средбата беше постигнат апсолутен консензус и од сите лидери, вклучително и од претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски беше поддржан ставот дека на Република Северна Македонија и ѐ потребно членство во Европската Унија, а не учество во алтернативни облици на соработка со ЕУ, затоа што на земјата покрај економска интеграција и е потребна и политичка интеграција и усвојување на демократските стандарди и вредности– владеење на правото, независно судство и медиуми, човекови права и слободи.
Во таа насока, сите присутни заклучија дека не треба воопшто да се размислува за алтернативи, туку земјата треба да продолжи со засилено темпо за реализирање на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија“, соопштија од кабинетот на претседателот Пендаровски.
Арбен Зеќири











