Елвис Шаќири од Ромалитико и иницијативата АВАЈА на панел дискусијата „Социјална правда и дискриминација: Премногу луѓе на маргините на општеството и политиката… До кога?“ во организација на ЦИВИЛ истакна дека кога се работи за Ромската заедница секогаш странските донатори и невладиниот сектор се први да помогнат, а не државата и дека тоа мора да се промени.
„Во изминатиот период, со пандемијата, успеавме да доделиме стотици електронски уреди на ромските дечиња за да можат да се вклучат во образовниот процес, се соочуваме и со друг проблем, а тоа е дека семејствата немаат електрична енергија. Во нашето општество секогаш се зборува за тоа како маргините да се вклучат, а не каков бенефит може да се има“, истакан Шаќири.
Според него, државата не креира услови генерално, без разлика од која категорија луѓе се работи.
„За жал не можеме да стигнеме до сите семејства, проблемите се системски, ќе решиш еден проблем, па се појавува друг. Баравме средби со државни институции, но нашето општество секогаш има други приоритети, да ги решаваат оние проблеми на елитите, ретко се решава проблем без да се оди кон системско решение, преку ПР прават дека решиле некој поголем проблем, но најчесто не е така, тоа е генерален проблем кај нас, тие проблеми треба да се решаваат системски“, истакна Шаќири.
Тој додава дека децата кои немаат услови за онлајн настава, мора да одат и физички да присуствуваат на училиште, а со тоа се зголемува ризикот од КОВИД-19.
„Имаме два вида дискриминација во секојдневниот живот меѓу физички лица, но имаме и покомплексна дискриминација од државата, таа не презема никакви чекори. Државата во овој случај на некој начин со оглед на тоа дека не презема системски решенија ги поттикнува индивидуалнците така да се однесуваат кон одредени групи“, додава тој.