Во периодот од 18 декември до 20 јануари на полнок угостителските објекти да работат до 18 часот наместо како досега до 21 часот, забрани за организирање новогодишни и предновогодишни прослави на отворен и затворен простор, препорака до верските заедници да не повикуваат на масовни групирања за претстојните верски празници, како и препорака до општините и работните организации да не организираат прослави. Ова е предвидено со новиот пакет-мерки кои ги усвои Владата на предлог на Комисијата за заразни болести, а со цел да се избегне зголемување на бројот на заболени од Ковид-19 за време на празниците.
Се препорачува да нема групирање на граѓаните во домовите на семејни прослави, слави и други собири во групи, се забранува групирање на јавен простор на повеќе од четири лица, се забранува групирање по паркови и други јавни места на повеќе од четири лица и доколку немаат потреба граѓаните да не ги напуштаат домовите по 18 часот.
Владата и Министерството за здравство вчера на прес-конференција ја промовираа кампањата „Празнувај одговорно“ за подигнување на свеста на граѓаните за почитување на мерките во пресрет на празниците.
„Мерките се однесуваат на ограничување на работното време на угостителските објекти, забрани за организирање предновогодишни и новогодишни прослави на отворен и затворен простор а имаме јасни препораки до верските заедници, работните организации и општините препораки за работата на рестораните во хотелските објекти“, изјави вчера премиерот Зоран Заев на заедничката прес конференција со министерот за здравство Венко Филипче.
„Целта на оваа мерка е да ја издржиме сите уште малку пред ваквите рестрикции и да не дозволиме поради празнување да предизикаме ескалација. Мерката носи име „Празнувај одговорно“, а целта е заштита од КОВИД-19 во предвечерието на вакцинацијата“, истакна Заев.
Министерот за здравство Венко Филипче на прес-конференцијата рече дека состојбата со коронавирусот е стабилна, но и натаму е многу критична со оглед на бројот на заболени и хоспитализирани.
„Од денеска ја започнуваме кампањата „Празнувај одговорно“, со која сакаме да ја подигнеме свеста за одгворно почитување на мерките, да нема групирање за слави, јавен простор, по паркови и да не се напуштаат домовите без некоја посебна потреба. Да бидеме одговорни, но и да не дозволиме најубавите мигови да се претворат во лоши спомени, да прославиме одговорно и да мислиме на здравјето, славењето може да почека, здравјето не“, додаде Филипче.