„Свесни сме дека ќе има политички притисоци до крај, но ќе дадеме се од себе оваа операција да биде само статистичка, а користа од неа ја имаат сите граѓани во државата. Ова го потенцирам особено бидејќи сѐ друго е на штета на граѓаните. Најголем дел од граѓаните не ги ни знаат последиците. Пописот е неопходен за многу институции. Локалната самоуправа, основи за какво било квалитетно функционирање на локалната самоуправа, но и сите други институции. Без попис трпи образованието, трпи здравството, трпи науката… неопходни се овие податоци и неопходни се квалитетни податоци, сѐ друго би значело погрешно планира, погрешни политики, погрешно фрлање пари во ветар за работи кои што имаме огромен интерес да се решат на најдобар можен начин. Како понатаму некој ќе ги третира откако ќе ги објавиме е нешто друго. Тука не можеме да влијаеме апсолутно, меѓутоа оној што ќе знае да ги искористи и ќе има исклучително голем бенефит. Наше е да ги обезбедиме тие податоци и да му бидат на секому достапни“, изјави директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски на панел дискусијата на ЦИВИЛ „Како сѐ може да се (зло)употреби пописот?“.
„Се лицитира во последните години со бројки на иселени, најразлични, ние не ја знаеме точната бројка, за жал. Пописот ќе биде обид , ние не гаиме илузии дека ќе ја дадеме точната бројка, но ќе создадеме услови врз основа на кои ќе можеме да процениме која и целокупната бројка… “, изјави Симовски.
Во тој контекст тој потсети дека имаме и огромен недостаток на работна сила, а стапката на невработеност на пазарот на трудот е огромна. Пописот овој потенцијал може да го претстави и тоа во најпозитивна смисла, вели Симовски, бидејќи тие луѓе што се надвор во нешто инвестирале, се обучиле дополнително, ако немале одредени квалификации, сѐ тоа може да се употреби квалитетно и добро во правец на развојот.
„Ако имаме податоци за некој кој што не е физички присутен ние не можеме да инсистираме на негово лично изјаснување, а целта е да се соберат податоци што е можно повеќе, затоа се дава можност некој друг во нивно име да дава податоци, меѓутоа строго водејќи сметка кој ги дава тие податоци и како ги дава тие податоци. Не случајно лицето кое дава податоци за некој друг го дава, го дава својот матичен број со кој што сноси одговорност ако се обиде, намерно, да даде погрешни податоци. Апсолутно сме сигурни дека такви податоци нема да се даваат граѓаните, меѓутоа го потенцираме овој момент за да спречиме било какви злоупотреби на можноста која ја даваме“, изјави Симовски.
Симовски објасни дека во пописот ќе ги има и прашањата поврзани со етничката и верската припадност.
„Нашата идеја беше добронамерна, иако и ден денеска тврдам дека со исклучување на овие прашања од пописот ќе изгубевме одреден фонд на информации, но ќе добиевме бидејќи ќе се елиминираше и последната можност за политизација на пописот, бидејќи тука е полето кај што политиката сака да влезе, сакале ние да признаеме или не“, истакна Симовски.
„На политичкиот субјект е да ја искористи секоја можност да делува и тоа не е спорно и никој тоа право не им го ограничува. Наше е да направиме напор сите тие простори во кои што може да биде политиката или политиканството сеедно, да ги затвориме и едноставно да не ги дозволиме. Политичките субјекти ќе ја употребуваат секоја можност за свои политички цели. Мене лично не би ми пречело воопшто. Сите политички субјекти коишто повикуваат за учество во пописот се добредојдени, па нека си ги преземат заслугите за себе. Мене ме плаши ова другото каде што јавно и затскриено се повикува на неучество во пописот, еве да не употребам „бојкот“, барајќи причини во тоа во Ковид состојбите или некои други моменти бидејќи во тој случај сите тие работат во интерес на сопствената штета, како граѓани во оваа држава. Одбивањето да се даваат податоци е само зијан, никој ќе нема корист од тоа. Можеби некои краткорочни политички цели ќе се остварат, ама џабе ви се на крајот по било која основа, кога ќе немате држава, ќе немате народ внатре… Ние сè уште одиме на тоа да пропаѓаме во калта колку што можеме подлабоко, а кога ќе дојдете во кал до гуша тогаш не ве вади никој. Па тогаш имајте и власт и што сакате, сè ви е џабе, ќе немате никој, си отидоа сите, би оделе и старите, за жал, не ги прима никој“, потенцираше Симовски во врска со улогата на политичките субјекти и нивното мешање во пописот.
Б. Ј.
камера: Атанас Петровски
монтажа: Ариан Мехмети
фотографија: Горан Наумовски