По стартот на вакцинацијата на здравствените работници во Модуларната болница во Скопје, Министерот за здравство Венко Филипче посочи дека вакцините се безбедни, со развиени безбедни платформи и дека се единствен начин за развивање на колективен имунитет.
– Сметам дека здравствените работници се и тоа како свесни за важноста на имунизација, и тогаш кога кажав и сега повторувам ќе се вакцинирам, со цел да укажам и да покажам дека вакцините се безбедни, дека се развиени на безбедни платформи, дека тоа е единствен начин да се развие колективен имунитет и да се смени сликата на пандемијата, изјави Филипче.
Тој додаде дека ќе се вакцинира во некоја од следните тури на вакцини со цел да им покаже на граѓаните дека тоа е тоа што треба да го направат.
– Не сакам да земам место од овие сега првични дози, кои што се навистина броени, на колегите кои што директно работат со пациентите, сигурно ќе се вакцинирам некоја во следните тури на вакцините кои ќе дојдат со цел да покажам на граѓаните дека тоа е тоа што тие треба да го направат, додаде министерот.
Прашан колку луѓе може да се вакцинираат од една вакцина, Филипче потсети дека во еден флакон, кој што се раствора со близу два милилитри физиолошки раствор, може да се вакцинираат шест лица.
– Ако ги кажуваме дозите кажуваме колку луѓе точно може да се вакцинираат, и практично во еден флакон кој што се раствора со близу 2 милилитри физиолошки раствор може да се вакцинираат 6 лица, и тоа е и според препораките на производителот, тоа беше во она упатство за тренингот и едукацијата на здравствените работници, рече Филипче.
Вакцинацијата против Ковид-19 во државава започна денес во Модуларната болница на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Со вакцинација на „Фајзер“ вакцинирани се докторка и главна медицинска сестра од Клиниката за инфективни и фебрилни состојби, а следи и вакцинација на останатите од таа јавна здравствена установа.












