ВЕСТ НА ДЕНОТ: Хан, Вархеј и Џентолини со позитивни оценки за реформите во земјава
Еврокомесарите за буџет и администрација Јоханес Хан, за соседство и преговори за проширување Оливер Вархеји и за економија Паоло Џентолини излегоа со позитивни оценки за средбите со министерот за финансии Фатмир Бесими во Брисел, посочувајќи дека Република Северна Македонија продолжува со реформите поврзани со членството во Европската унија.
– Добра дискусија со министерот за финансии Фатмир Бесими денеска. Важно е дека Северна Македонија продолжува да испорачува ЕУ реформи. Исто така, фокусот беше на Економско-инвестицискиот план за Западен Балкан – неговата имплементација ќе биде клучот за пост-ковид заздравување, напиша еврокомесарот Вархеји на Твитер.
Еврокомесарот Хан, исто така на Твитер, наведе дека му било задоволство да се сретне со Фатмир Бесими, министер за финансии на Северна Македонија.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Јанчев: Потребно е поразумно раководство во ВМРО-ДПМНЕ, предвремени парламентарни избори не се потребни
„Мојата крајна цел не е само да се земе партијата и да се води – она што го зборев вчера ќе го кажам и денес – закрвувањето помеѓу македонскиот народ, вокабуларот мафијаши и криминалци, мислам дека треба да прекине и да не биде тема на политичките партии, туку си има судови и органи кои треба да се занимаваат со тоа. Не сум за предвремени парламентарни избори. Не за да ја штитам власта, туку за да ја заштитам државата – државата нема веќе капацитети и можности да ги одржува овие предвремени парламентарни избори. Што ќе постигнеме со нив? Да треба компромис и разговор, повеќе сум за широка коалиција после локалните, со некакво поразумно раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Не е битно кој ќе ја води државата, туку е битно тоа да е транспарентно и објективно“, вели Јанчев.
ЦИВИЛ АКЦИЈА
ЦИВИЛ ќе одржи бесплатни вебинари за граѓанско новинарство и медиумска писменост на 12 и 13 март (петок и сабота) со почеток во 13 часот. Вебинарите ќе траат најдоцна до 17:30 часот.
Можност за учество имаат сите заинтересирани што сакаат да стекнат нови информации и вештини од областа на новинарството и мониторингот.
За учесниците на вебинарите ќе бидат обезбедени електронски Сертификати за успешно завршена обука, а добиваат и можност да се вклучат во проектите, иницијативите и активностите на ЦИВИЛ, како и во други организации и иницијативи на граѓанското општество.
Основи на новинарското известување, етика, лажни вести, хибридни закани и мониторинг на изборите и политичките процеси се дел од темите на вебинарот.
На програмата се презентации од Џабир Дерала, Сашо Орданоски, Петрит Сарачини, Зоран Иванов, Биљана Јордановска и Дехран Муратов. Не пропуштајте да се пријавите.
Заинтересираните треба да пополнат Апликација за учество која одзема максимум 1 минута.
ФЛЕШ ВЕСТИ
Попис– Пописот ќе се спроведе во периодот од 1 до 21 април годинава, а критичниот момент за оваа статистичка операција ќе биде на полноќ меѓу 31 март и 1 април.
Економија– Продолжуваат разговорите за изнаоѓање заедничко решение во врска со протестите на угостителите, организаторите на свадби и музичарите, кои според Бектеши биле опфатени во досегашните економски мерки.
Образование– Матурантите треба одново се пријавуваат во училиштата за да ги променат предметите што ќе ги полагаат, откако минатата недела беше постигнат компромис за измени на концепцијата за оваа генерација матуранти.
Правда– Заев за случајот „Монструм“ вели дека политичарите треба да ги тргнат рацете од судството и обвинителството бидејќи процесот се води на транспарентен начин.
Избори– Локалните избори во Северна Македонија треба да се одржат на 3-ти, 10-ти или 17-ти октомври
СЛОБОДНА ЗОНА
„Сега е дури и тешко да најдете поостри зборови со кои ќе ги квалификувате постапките на „началникот“ од оние што ги употребуваат неговите кохорти од долгогодишни извршни и пропагандни ордонанси, лакеи, потрчковци и фасилитатори по истите медиуми, портали и фејсбук страни што тој им ги формираше и финансираше за секојдневно да ги растргнуваат политичките неистомисленици и опоненти. Е-хеееј, не може на ред да се стигне пред „Курир“, Алфа ТВ и разни инфомакси за да се каже нешто попаметно од поплавата осуди за ликот и делото на нивниот некогашен до-врвен шеф!“ пишува Сашо Орданоски во колумната „Владата веднаш да си поднесе оставка!“
И.Крџиќ












